Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 19:1-22

Дела 19:1-22 MK2006

Додека Аполос беше во Коринт, Павле откако мина низ горните земји, дојде до Ефес. Таму сретна некои ученици, и им рече: „Кога поверувавте, при­мив­те ли Дух Свети?“ А тие му одгово­рија: „Ние не сме ни слушнале дека има Дух Свети.“ Тој им рече: „А како бевте крс­те­ни?“ Тие одговорија: „Со Јовановото крштение.“ Павле рече: „Јован крштаваше со покајно крштавање, велејќи му на на­ро­дот да верува во Оној, Кој иде по него, односно во Исус Христос.“ Кога го слушнаа тоа, тие се крстија во името на Господ Исус. И кога Павле ги положи рацете над нив, слезе Духот Свети на нив. Тогаш тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат. А вкупно беа околу дванаесет души. Потоа Павле влезе во синагогата, и тука три месеци смело проповедаше и расправајќи ги уверуваше за царството Божјо. Но, бидејќи имаше некои жестоки противници на верата, кои говореа ло­шо за патот Господов пред народот, Павле се оддели од нив, ги одвои уче­ни­ците и секојдневно расправаше во учи­лиштето на некој си Тиран. Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Јудеј­ците, така и Елините, можеа да го слу­шаат словото за Господ Исус. А Бог правеше многу чудеса преку рацете Павлови, така што врз болните полагаа крпи и шамивчиња за пот, што го беа доп­ре­ле неговото тело, и болестите ги на­пуштаа, а злите духови излегуваа од нив. Некои, пак, од Јудејците кои лутаа наоколу и ги истеруваа злите духови, се обидоа да го повикаат името на Господ Исус над оние кои беа обземени со де­мони, и велеа: „Ве заколнуваме во Исус, Кого Го проповеда Павле!“ Тоа го правеа седумте синови на ју­дејскиот првосвештеник Скева. А лошиот дух одговори и рече: „Исус Го познавам и Павле го знам; но кои сте вие?“ И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа. За тоа разбраа сите Јудејци и Ели­ни, кои живееја во Ефес, и сите нив ги спопадна страв; и името на Господ Исус се величаше. И многумина од верниците доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела. А мнозина од оние, кои правеа ма­гии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет ил­јади сребреници. Така моќно растеше и се засилува­ше словото Господово. А кога се сврши тоа, Павле науми, откако ќе ја мине Македонија и Ахаја, да оди во Ерусалим, па рече: „Штом ќе бидам таму, ќе треба да го видам Рим.“ И прати во Македонија двајца свои прислужници – Тимотеј и Ераст, а сам остана извесно време во Азија.