Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 17:16-34

Дела 17:16-34 MK2006

И додека ги чекаше нив во Атина, духот на Павле се вознемируваше, гледајќи го градот, полн со идоли. И тој расправаше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со оние што ќе ги сретнеше. А некои епикурејски и стоички фи­лозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?“, а други: „Се чини дека тој проповеда туѓи божества“, зашто им благовестеше за Исус и за воскресението. И зедоа, та го одведоа на Аре­опа­гот, велејќи: „Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење што го проповедаш? Бидејќи нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.“ А, пак, сите атињани, како и ту­ѓин­ците, кои живееја кај нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слу­шаат за нешто ново. Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: „Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жрт­ве­ник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Не­го јас ви проповедам. Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сѐ. Од една крв го создаде сиот род чо­вечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живе­алишта, за да Го бараат Господа, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого меѓу нас: зашто ние преку Него живееме, се движиме и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: ‚Негов род сме.‘ И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица. Бог, пак, не осврнувајќи се на вре­мињата на незнаење, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покаат, зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.“ Кога чуја за воскресението од мрт­вите, едни се насмеаја, а други рекоа: „Другпат сакаме да послушаме за тоа.“ И тогаш Павле си отиде од нив. А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Ди­онисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност