Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа алиштата, започнаа да ги тепаат со стапови; и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стражар му наредија да ги чува добро. А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Одеднаш настана голем потрес, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа. А стражарот на затворот, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека затворениците избегале. Но, Павле викна со силен глас и рече: „Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“ А тој побара светло, истрча и растреперен падна пред Павле и Сила; па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?“ А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова. Во истиот час таа ноќ тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа веднаш беше крстен тој самиот и сите негови домашни. Тогаш ги одведе горе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, зашто поверува во Бога.