Тој пристигна во Дерва и Листра. И ете, таму живееше некој си ученик, по име Тимотеј, син на Јудејка, која ја прифати верата, и на татко Елин; тој ученик беше на добар глас меѓу браќата во Листра и Иконија. Павле посака да го земе со себе. Затоа откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин. И додека минуваа низ градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на одредбите, определени од апостолите и старешините во Ерусалим. И така, црквите се утврдуваа во верата, а и по број се зголемуваа секој ден.
Така тие ги преминаа Фригија и Галатискиот крај, зашто ним не им беше допуштено од Светиот Дух да го проповедаат словото во Азија. А кога дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија; но Духот на Исус не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нѐ повикал таму да го разгласуваме Евангелието.
И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а утредента – во Неапол, и оттаму во Филипи. Тој е главен град во тој дел на Македонија и римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена. А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени. И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле. А кога беше крстена таа и нејзините домашни, нѐ замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господ, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!“ И нѐ принуди.
Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нѐ сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на господарите свои им донесуваше големи приходи од гатањето. И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението.“ Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исус Христос излези од неа!“ И излезе во истиот час. Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното богатење, ги фатија Павле и Сила, и ги довлечкаа на плоштадот кај началниците. И кога ги приведоа пред управниците, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.“ Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа алиштата, започнаа да ги тепаат со стапови; и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стражар му наредија да ги чува добро. А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Одеднаш настана голем потрес, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа. А стражарот на затворот, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека затворениците избегале. Но, Павле викна со силен глас и рече: „Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“ А тој побара светло, истрча и растреперен падна пред Павле и Сила; па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?“ А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова. Во истиот час таа ноќ тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа веднаш беше крстен тој самиот и сите негови домашни. Тогаш ги одведе горе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, зашто поверува во Бога. А кога осамна, војводите пратија судски служители, кои рекоа: „Пушти ги оние луѓе!“ Затворскиот стражар му соопшти за тоа на Павле: „Градските судии пратија да ве ослободам. Затоа, излезете сите и одете си со мир!“ Но Павле им рече: „Зарем откако нас, римски граѓани, нѐ биеја пред народот без суд и нѐ фрлија в затвор, сакаат сега тајно да нѐ пуштат? Не, нека дојдат и сами нека нѐ изведат!“ Градските служители им го кажаа тоа на градските судии; а тие се уплашија, кога слушнаа дека се тие римски граѓани. И дојдоа, па се извинија пред нив, ги изведоа и ги замолија да излезат од градот. А тие, штом излегоа од затворот, отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа.