Апостолите и браќата во Јудеја, слушнаа дека и незнабошците го примиле словото Божјо. И кога Петар влезе во Ерусалим, обрезаните што беа со него го укорија, велејќи: „Ти си бил кај необрезани луѓе и си јадел со нив.“ А Петар почна да им расправа за сѐ по ред, велејќи: „Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, во занес здогледав видение: од небото слегуваше некаков сад, како некое платниште, врзано за четирите краишта, и дојде дури до мене. Откако погледав во него и го разгледав, видов четириножни земни животни, ѕверови, влекачи и птици небески. И чув глас што ми зборуваше: ‚Стани Петре, заколи и јади!‘ Јас, пак, реков: ‚Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.‘ А гласот од небото повторно проговори и рече: ‚Она што Бог го очистил, ти не го сметај за погано!‘ Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото. И ете, во тој час застанаа тројца луѓе, испратени кај мене од Кесарија. А Духот ми рече да појдам со нив, без двоумење. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек. Тој ни раскажа како видел ангел во куќата своја, кој застанал и му рекол: ‚Прати во Јопија луѓе и повикај го Симон, наречен Петар. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе бидеш спасен ти и целиот твој дом.‘ И кога почнав јас да зборувам, над нив слезе Духот Свети, како и над нас во почетокот. Тогаш се сетив на зборовите Господови: ‚Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Дух Свети.‘ Ако, Бог им даде еднаков дар, како и нам, кои поверувавме во Господ Исус Христос, тогаш кој сум јас да Му се спротивставам на Бога?“ Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: „Значи и на незнабошците Бог им даде покајание за живот.“