Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 6:1-23

2 Самоилова 6:1-23 MK2006

Давид пак собра избрани луѓе од Израел, триесет илјади. Па стана и тргна Давид и сиот народ што беше со него, од Ваал Ју­дин за да го пренесе оттаму Божјиот ковчег, над кој се повикува името на Господ Саваот, Кој седи на херувими. И го поставија Божјиот ковчег на нова кола и го изнесоа од Авинадаво­вата куќа, која беше на ридот. А синовите Авинадавови Оза и Ахио ја водеа новата кола. Ја поведоа со Божјиот ковчег од Авинадавовата куќа, која беше на ридот; и Ахио одеше пред ковчегот Господов. А Давид и сите синови Израелови свиреа пред Господ на различни свирки од кипарисово дрво, на гусли, на псал­тири, на тимпани, на цитри и на кимвали. И кога дојдоа до Нахоновото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ков­чег и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале. Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го удри на истото место, и тој умре таму крај Божјиот ковчег. Давид се нажали поради тоа што Господ така го удри Оза. Тоа место и сега се нарекува Фарес Оза. Тој ден Давид се исплаши од Господ и рече: „Како ќе дојде кон мене ковчегот Господов?“ И Давид не сакаше да го пренесе ковчегот Господов кај себе, во Давидо­виот град, и го остави во куќата на Аведар, кој потекнуваше од Гет. И остана ковчегот Господов во домот на Гетчанецот Аведар три ме­сеци; и Господ го благослови Аведар и сиот негов дом. Му јавија на цар Давид и му рекоа: „Господ го благослови домот на Аведар и сѐ што е во него, поради Божјиот ковчег“; Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од куќата на Аведар во Давидовиот град. И штотуку оние што го носеа ков­чегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесе жртва едно јунче и еден овен. Давид играше со сета сила пред Господ, а беше облечен со ленен ефод. Така Давид и целиот Израелов дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба. Кога ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, гледаше од прозо­рецот нејзин и, откако го виде царот Давид како скока и игра пред Господ, го презре во срцето свое. Го донесоа ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господ и жртви за помирување. Кога Давид заврши со принесувањето сепаленици и жртви за помирување, тој го благослови народот во името на Господ Саваот; и му раздаде на сиот народ, на целото множество Израелци, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја. Кога се врати Давид за да го благослови домот свој, Михала, Сауло­вата ќерка, излезе и му рече: „Колку се прослави денес царот Израелов, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек.“ А Давид ѝ одговори на Михала: „Пред Господ, Кој ме одбра мене наместо твојот татко и целиот негов дом, поставувајќи ме за водач на народот Господов – Израел; пред Господ ќе свирам и ќе играм; и уште повеќе ќе се понизам, и уште помал ќе станам во своите очи, и при сето тоа, пред слугинките, за кои говориш, јас ќе бидам славен.“ А Михала, Сауловата ќерка, остана без рожба до денот на својата смрт.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност