Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 22:26-51

2 Самоилова 22:26-51 MK2006

Со милостивиот Ти постапуваш ми­лостиво, со искрениот маж, – искрено, со чистиот – чисто, а со лукавиот – според лукавството негово. Ти ги спасуваш угнетените и со по­гледот Свој ги уништуваш горделивите. Ти си Господи, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина. Со Тебе победувам војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид. Бог! Непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Тој е штит за сите што се надеваат на Него, зашто, Кој е Бог, освен Господ, и Кој е сила, што се надеваат на Него, Бог ме препаша со сила, ми подготвува чист пат. Ми ги прави нозете како на елен, и ме поставува на висини; ги учи рацете мои на борба, и ги напрегнува мускулите мои како бака­рен лак. Ти ми го даде штитот на Твоето спасение, и Твојата милост ме воз­величува. Ти ги зголемуваш чекорите мои под мене, и моите нозе не потклекнуваат. Јас ги гонев непријателите мои и ги убивав, и не се враќав додека не ги до­крајчив; ги удирам и ги соборувам, и тие не стануваат, а паѓаат под нозете мои. Ти ме препашуваш со сила за бој и ги кутнуваш пред мене оние што ста­нале против мене; Ти го сврте кон мене грбот на мои­те непријатели, и јас ги уништив оние што ме мразеа. Тие викаат, но нема кој да ги спаси, – кон Господ, но Тој не ги слу­ша. Ги триев како прав земен, како улична кал ги размачкував и газев. Ти ме спаси од побуната на мојот народ; Ти ме зачува за да бидам глава над туѓинците; народ што не го познавав, ми слугува. Туѓинците ми ласкаа; штом ќе слушнеа за мене, ми се покоруваа. Туѓинците побледуваа и трепереа во своите тврдини. Да живее Господ! Благословен да е мојот заштитник! Нека се возвиши Бог, прибежиште на моето спасение, Бог, Кој се одмазди за мене, Кој ги покори под мене народите и Кој ме спаси од непријателите мои! Над оние што стануваа против ме­не, Ти ме воздигна; Ти ме избави од насилникот. Затоа ќе Те превознесувам Тебе, Господи, меѓу народите и ќе го воспевам името Твое. Тебе, Кој славно го спасуваш Сво­јот цар и му правиш милост на помаза­никот Свој Давид и на потомството негово засекогаш.“