И Давид испеа песна за Господ во денот, кога Господ го спаси од раката на сите непријатели негови и од раката на Саул, велејќи: „Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител. Мојот Бог е моја карпа; на Него се надевам; мој штит, рог на моето спасение, моја заштита и мое прибежиште; Спасителе мој, Ти ме спаси од непријатели. Ќе Го повикам достојно пофалуваниот Господ, и од непријателите мои ќе се спасам. Бранови на смртта ме прегрнаа, и потоци од беззаконија ме исплашија; веригите на пеколот ме обвиткаа, и стапици на смртта ме обмотаа. Но во притеснувањето свое Го повикав Господа и викнав кон мојот Бог, и Тој го слушна од Својот свет дворец гласот мој, и повикот мој стигна до ушите Негови. Се затресе, се разниша земјата, затреперија и се поместија основите небески, зашто се разгневи Господ на нив. Се крена дим од гневот Негов, и уривачки оган од устата Негова; жив јаглен се сипеше од Него. Тој ги наведна небесата и слезе; и мрак беше под нозете Негови; седна на херувимите, летна и се понесе на ветрови крила; и со мрак се покри како со шатор, згуснувајќи ги водите на облаците небески; од болскотот пред Него се усвитуваа огнени јаглени. Загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас; пушти стрели свои и ги распрсна; болсна со секавица и ги истреби. Се открија изворите морски, се покажаа основите на вселената од страшниот глас на Господ, од дувањето на духот на Неговиот гнев. Тој подаде рака од височините, ме фати и ме извлече од големите води; ме спаси од силниот непријател мој, од оние што ме мразеа, што беа посилни од мене. Тие станаа против мене во денот на мојата неволја; но Господ ми беше потпора, и ме изведе на широко место, ме спаси, зашто Тој благоволи кон мене. Ми воздаде Господ според мојата правда, ме награди според чистотата на рацете мои. Зашто јас ги пазев патиштата Господови и не бев нечестив пред мојот Бог, бидејќи сите заповеди Негови се пред мене, и од заповедите Негови не отстапував, бев непорочен пред Него и внимавав да не згрешам. И Господ ми воздаде според мојата правда, според чистотата моја пред Неговите очи. Со милостивиот Ти постапуваш милостиво, со искрениот маж, – искрено, со чистиот – чисто, а со лукавиот – според лукавството негово. Ти ги спасуваш угнетените и со погледот Свој ги уништуваш горделивите. Ти си Господи, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина. Со Тебе победувам војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид. Бог! Непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Тој е штит за сите што се надеваат на Него, зашто, Кој е Бог, освен Господ, и Кој е сила, што се надеваат на Него, Бог ме препаша со сила, ми подготвува чист пат. Ми ги прави нозете како на елен, и ме поставува на висини; ги учи рацете мои на борба, и ги напрегнува мускулите мои како бакарен лак. Ти ми го даде штитот на Твоето спасение, и Твојата милост ме возвеличува. Ти ги зголемуваш чекорите мои под мене, и моите нозе не потклекнуваат. Јас ги гонев непријателите мои и ги убивав, и не се враќав додека не ги докрајчив; ги удирам и ги соборувам, и тие не стануваат, а паѓаат под нозете мои. Ти ме препашуваш со сила за бој и ги кутнуваш пред мене оние што станале против мене; Ти го сврте кон мене грбот на моите непријатели, и јас ги уништив оние што ме мразеа. Тие викаат, но нема кој да ги спаси, – кон Господ, но Тој не ги слуша. Ги триев како прав земен, како улична кал ги размачкував и газев. Ти ме спаси од побуната на мојот народ; Ти ме зачува за да бидам глава над туѓинците; народ што не го познавав, ми слугува. Туѓинците ми ласкаа; штом ќе слушнеа за мене, ми се покоруваа. Туѓинците побледуваа и трепереа во своите тврдини. Да живее Господ! Благословен да е мојот заштитник! Нека се возвиши Бог, прибежиште на моето спасение, Бог, Кој се одмазди за мене, Кој ги покори под мене народите и Кој ме спаси од непријателите мои! Над оние што стануваа против мене, Ти ме воздигна; Ти ме избави од насилникот. Затоа ќе Те превознесувам Тебе, Господи, меѓу народите и ќе го воспевам името Твое. Тебе, Кој славно го спасуваш Својот цар и му правиш милост на помазаникот Свој Давид и на потомството негово засекогаш.“