Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 22:1-25

2 Самоилова 22:1-25 MK2006

И Давид испеа песна за Господ во денот, кога Господ го спаси од раката на сите непријатели негови и од раката на Саул, велејќи: „Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител. Мојот Бог е моја карпа; на Него се надевам; мој штит, рог на моето спасение, моја заштита и мое при­бежиште; Спасителе мој, Ти ме спаси од непријатели. Ќе Го повикам достојно пофалува­ниот Господ, и од непријателите мои ќе се спасам. Бранови на смртта ме прегрнаа, и потоци од беззаконија ме исплашија; веригите на пеколот ме обвиткаа, и стапици на смртта ме обмотаа. Но во притеснувањето свое Го по­викав Господа и викнав кон мојот Бог, и Тој го слушна од Својот свет дворец гласот мој, и повикот мој стигна до ушите Негови. Се затресе, се разниша земјата, за­треперија и се поместија основите не­бески, зашто се разгневи Господ на нив. Се крена дим од гневот Негов, и уривачки оган од устата Негова; жив јаглен се сипеше од Него. Тој ги наведна небесата и слезе; и мрак беше под нозете Негови; седна на херувимите, летна и се понесе на ветрови крила; и со мрак се покри како со шатор, згуснувајќи ги водите на облаците не­бески; од болскотот пред Него се усвитуваа огнени јаглени. Загрме Господ од небесата, и Се­вишниот го пушти Својот глас; пушти стрели свои и ги распрсна; болсна со секавица и ги истреби. Се открија изворите морски, се покажаа основите на вселената од страшниот глас на Господ, од дувањето на духот на Неговиот гнев. Тој подаде рака од височините, ме фати и ме извлече од големите води; ме спаси од силниот непријател мој, од оние што ме мразеа, што беа посилни од мене. Тие станаа против мене во денот на мојата неволја; но Господ ми беше потпора, и ме изведе на широко место, ме спаси, зашто Тој благоволи кон мене. Ми воздаде Господ според мојата правда, ме награди според чистотата на рацете мои. Зашто јас ги пазев патиштата Господови и не бев нечестив пред мојот Бог, бидејќи сите заповеди Негови се пред мене, и од заповедите Негови не отстапував, бев непорочен пред Него и внимавав да не згрешам. И Господ ми воздаде според мојата прав­да, според чистотата моја пред Неговите очи.