Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 15:13-31

2 Самоилова 15:13-31 MK2006

И дојде разузнавач при Давид и рече: „Срцето на Израелците се сврте кон Авесалом.“ Тогаш им рече Давид на сите свои слуги што беа при него во Ерусалим: „Станувајте да бегаме, зашто за нас не­ма спас од Авесалом; брзајте да излезе­ме да не нѐ затече и нѐ фати да не ни навлече зло и да го разори градот со сечилото на мечот.“ Царските слуги му рекоа на царот: „За сѐ што ќе заповеда нашиот господар, царот, ние сме твои слуги.“ Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата. И излезе царот и сиот народ пешки, и застанаа кај последната куќа. И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Кере­тијци, сите Пелетијци и сите Гетчани – до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот. И царот му рече на Гетчанецот Итај: „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи ти си туѓинец и си избегал од својата земја. Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти подари милост и правда!“ А Итај му одговори на царот и рече: „Жими Господ, и жими мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.“ Тогаш Давид му рече на Итај: „Дојди, пак, и оди со мене.“ И тргна Гетчанецот Итај и сите луѓе негови и сите деца што беа со него. И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината. Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет, и го оставија Божјиот ковчег, а Авијатар пак стоеше на висо­чината, додека сиот народ излезе од градот. И царот му рече на Садок: „Врати го Божјиот ковчег во градот. Ако најдам милост пред очите на Господ, Тој ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште. Ако, пак, Тој каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш, ете ме; нека прави со мене она што ќе Му се види дека е добро.“ И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, – вра­ти се во градот со мир заедно со син си Ахимаац и со Авијатаровиот син Јона­тан, двајцата ваши синови; гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустината, додека ми стигне известување од вас.“ Садок и Авијатар го вратија Божји­от ковчег во Ерусалим и оста­наа таму. А Давид тргна кон Елеонската Планина, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа. Му јавија на Давид и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалом.“ И рече Давид: „Господи, Боже мој, осуети го советот на Ахи­тофел.“