Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 12:15-23

2 Самоилова 12:15-23 MK2006

Натан отиде во домот свој. И Господ го погоди детето што му го беше родила на Давид Уриевата жена, и тоа се разболе. Давид Му се молеше на Бога за детето, постеше Давид и осамен ја мина ноќта, легна на земја. И влегоа кај него старешините на домот негов, да го кренат од земјата, но тој не сакаше и не јадеше леб со нив. На седмиот ден детето умре, и слугите Давидови се плашеа да му соопштат дека детето умрело; зашто си мислеа тие, кога детето беше уште живо, и ние му прозборувавме, а тој не го слушаше гласот наш, како ќе му кажеме: „Детето умре.“ Тој ќе стори нешто лошо. Виде Давид дека слугите негови се дошепнуваат, и разбра дека детето умрело, па ги праша слугите: „Умре ли детето?“ Тие му одговорија: „Умре.“ Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се помаза, се преоблече и отиде во домот Господов и се молеше. Кога се врати дома, побара да му донесат леб и јадеше. И го запрашаа слугите негови: „Што значи тоа што постапуваш така? Додека детето уште беше живо, ти постеше и плачеше, и не спиеше; а откако умре детето, ти стана и јадеш леб и пиеш.“ Давид им одговори: „Додека детето беше живо, јас постев и плачев, бидејќи мислев: кој знае, нема ли да се смили над мене Господ и нема ли детето да остане живо? А сега е умрено; зошто да постам? Зар можам да го вратам? Јас ќе отидам кај него, тоа нема да се врати кај мене.“