Видоа Амонците дека станаа намразени кај Давид; па испратија Амонците луѓе да најмат Арамејци од Бет-Рехов и Арамејци од Цова – дваесет илјади пешаци, од царот Мааха – илјада души и од Тов – дванаесет илјади души. Кога Давид слушна за тоа, го испрати Јоав со сета храбра војска. Излегоа Амонците и се распоредија за борба кај портите, а Арамејците од Цова и Рехов, како и луѓето на Тов и Мааха се задржаа одделно во полето. Кога виде Јоав дека непријателската војска се распоредила спроти него и отспреди и одзади, ги одбра најистакнатите израелски мажи, и ги распореди против Арамејците; а другиот дел од луѓето му ги довери на братот свој Авеса, да ги построи против Амонците. Тогаш рече Јоав: „Ако Арамејците почнат да ме надвиваат, ти ќе ми помогнеш; ако, пак, Амонците почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти дојдам на помош; биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, а Господ ќе го направи она што е добро во Неговите очи.“ И влезе Јоав, и народот што беше со него, во борба против Арамејците, и тие избегаа од него. Амонците, пак, кога видоа дека Арамејците бегаат, избегаа од Авеса и влегоа во градот. И Јоав се врати од Амонците и дојде во Ерусалим. Арамејците штом видоа дека Израелците ги разбија, се собраа сите наедно. И Адраазар испрати гласници за да ги повика Арамејците што беа од онаа страна на Еуфрат, и, ете, дојдоа до Хелам; а Совак, Адраазаров воен началник, ги предводеше. Кога му јавија за тоа на Давид, тој ги свика сите Израелци, го премина Јордан и стигна до Хелам. Арамејците се распоредија против Давид и се судрија со него. Арамејците избегаа од Израелците, а Давид уништи седумстотини арамејски бојни коли и уби четириесет илјади коњаници, удри по војсководачот Совак, и тој таму умре. Кога сите потчинети цареви на Адраазар видоа дека Израелците ги разбија, склучија со Израелците мир и им се покорија. И Арамејците веќе се плашеа да им помагаат на Амонците.