2 Царевите 3:1-27
2 Царевите 3:1-27 MK2006
Јорам, синот на Ахав, стана цар над Израел во Самарија во осумнаесеттата година од владеењето на јудејскиот цар Јосафат и царуваше дваесет години. Тој правеше зло пред очите на Господ, но не така, како татко му и мајка му, зашто ја собори статуата на Ваал што ја беше направил татко му. Сепак, тој се приврза кон гревовите на Јеровоам, Наватовиот син, кој го наведе Израел да прави гревови, и не отстапуваше од нив. Моавскиот цар Меша имаше многу добиток и му испраќаше на израелскиот цар по сто илјади јагниња и по сто илјади неистрижени овни. Но, штом умре Ахав, моавскиот цар се одметна од израелскиот цар. Во она време царот Јорам излезе од Самарија и ги преброи сите Израелци, па отиде и испрати да му кажат на јудејскиот цар Јосафат: „Моавскиот цар се одметна од мене. Ќе дојдеш ли со мене во војна против Моав?“ Тој одговори: „Ќе дојдам; Јас сум со тебе. Мојот народ е и твој народ, а моите коњи се и твои коњи.“ И рече: „По кој пат да одам?“ Тој рече: „По патот низ едомската пустина.“ И тргнаа израелскиот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар, и одеа по заобиколен пат седум дена, и немаше вода за војската и за добитокот што одеше по нив. Тогаш рече израелскиот цар: „Ах! Господ ги изведе овие тројца цареви за да ги предаде во раката на Моав.“ Но Јосафат рече: „Нема ли тука пророк Господов, па преку него да Го прашаме Господ?“ Одговори еден од слугите на израелскиот цар и рече: „Тука е Елисеј, Шафатовиот син, кој полеваше вода на Илиевите раце.“ И рече Јосафат: „Во него има слово Господово.“ И отидоа кај него израелскиот цар и Јосафат и едомскиот цар. И му рече Елисеј на израелскиот цар: „Што имаш ти со мене! Оди кај пророците на татковците свои и кај пророците на својата мајка.“ И му кажа израелскиот цар: „Не, зашто Господ ги изведе овде овие тројца цареви за да ги предаде во раката на Моав.“ И рече Елисеј: „Се колнам во живиот Господ Саваот, пред Кого стојам! Ако не го почитував Јосафат, јудејскиот цар, не би те почитувал и не би те погледнал; туку повикајте ми свирач.“ И кога свирачот свиреше, тогаш раката Господова се допре до Елисеј, и тој рече: „Вака говори Господ: ‚Направете ја оваа долина јама до јама‘ зашто вака вели Господ: ‚нема да видите ветар и нема да видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода, од која ќе пиете вие и вашиот ситен и крупен добиток;‘ но тоа е малку пред очите на Господ: Тој и Моав ќе го предаде во рацете ваши, и ќе ги поразите сите укрепени градови и сите главни градови, и ќе ги исечете сите добри дрвја, и ќе ги запрете сите извори, и сите добри ниви и ќе ги затрупате со камења.“ Утредента, додека се принесуваше принос, одеднаш потече вода по патот од Едом, и земјата се наполни со вода. Кога слушнаа Моавците дека царевите доаѓаат да војуваат со нив, беа собрани сите што носат појас и постари, па застанаа на границата. Изутрината станаа рано, кога сонцето изгреа над водата; на Моавците таа вода оддалеку им се причини црвена како крв. И тие рекоа: „Тоа е крв; се степале царевите меѓу себе и се истребиле еден со друг. А сега на плен, Моаве!“ И тие дојдоа до израелскиот логор. Станаа Израелците и удрија по Моавците, кои почнаа да бегаат од нив, но, тие и понатаму трчаа по нив за да ги дотепаат. И ги разрушија градовите, и во секоја добра нива секој фрли по еден камен, и ја наполнија, и сите водни извори ги затрупаа, и сите плодни дрвја ги исекоа. Само во Кир-Харешет ги оставија камењата на ѕидините. Но и него праќарите го опколија и го разрушија. Кога моавскиот цар виде дека ја губи битката, зеде со себе седумстотини мажи, наоружани со меч за да се пробијат кон едомскиот цар, но не можеа. И тој го зеде својот првороден син, кој требаше да царува по него, и го принесе како жртва сепаленица врз ѕидот. Тоа предизвика големо гадење кај Израелците, и тие се повлекоа од него и се вратија во земјата своја.

