Во она време слугите на вавилонскиот цар Навуходоносор настапија кон Ерусалим, и градот беше опколен. Вавилонскиот цар Навуходоносор дојде до градот што слугите негови го опседнаа. Тогаш јудејскиот цар Јехониј отиде кај вавилонскиот цар – тој, и мајка му, и слугите негови, кнезовите негови, и дворјаните негови, – и го зароби вавилонскиот цар во осмата година од царувањето свое, и изнесе сѐ од ризниците на домот Господов и од ризниците на царскиот дом; и ги здроби, како што беше рекол Господ, сите златни садови, што Соломон, царот Израелов, ги беше направил за храмот Господов; и го исели целиот Ерусалим, и сите кнезови, и сета храбра војска – беа преселени десет илјади, – и сите дрводелци и ковачи; никој не остана, освен сиромасите на таа земја. Тој го пресели Јехониј во Вавилон; исто така и мајка му на царот, и жените на царот, и големците негови, и големците на земјата ги одведе од Ерусалим за да ги насели во Вавилон. И сета војска, на број седум илјади, и ковачи и бравари – илјада; сите јунаци, способни за војна, ги одведе вавилонскиот цар за да ги насели во Вавилон. И вавилонскиот цар го направи цар Матанија, стрикото на Јехониј, место него, и му го промени името во Седекија.