Во втората година од владеењето на Јоас, синот на израелскиот цар Јоахаз, стана цар Амасија, син на јудејскиот цар Јоас: тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадана, од Ерусалим. И го правеше тој она што беше правилно пред очите на Господ, но не така, како неговиот предок Давид; тој во сѐ постапуваше како својот татко Јоас. Само идолските светилишта не беа урнати: народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта. Кога се зацврсти царството во рацете негови, тој ги уби слугите свои што беа го убиле царот, неговиот татко. Но децата на убијците не ги уби, зашто е напишано во книгата на Мојсеевиот закон, каде Господ заповеда, велејќи: „Татковците да не бидат казнувани со смрт заради децата, и децата не треба да бидат казнувани со смрт заради татковците, туку секој треба да се казнува со смрт за својот престап.“ Тој порази десет илјади Едомци во Солената Долина, и го зеде градот Сала со војна, и му даде име Јоктеел, кое си остана и до денес. Тогаш Амасија испрати пратеници до Јоас, израелскиот цар, син на Јоахаз, Јехуевиот син, да кажат: „Излези да се видиме лице в лице!“ Тогаш израелскиот цар Јоас испрати до Амасија, јудејскиот цар, да кажат: „Трнот леванонски испратил кај кедарот леванонски да кажат: ‚дај ја ќерката своја за жена на синот мој. Но минале диви леванонски ѕверови и го изгазиле тој трн.‘ Ти ги порази Едомците, и срцето твое се возгордеа. Биди задоволен со својата слава и остани во домот свој. Што ти треба да предизвикуваш расправија за зло? Ќе паднеш ти и Јудеја со тебе.“ Но Амасија не послуша. Тогаш Јоас, царот израелски, излезе, и се видоа лице в лице, тој и Амасија, царот јудејски, во Ветсамис што е во Јудеја. Јудејците беа разбиени од Израелците, и се разбегаа по шаторите свои. Израелскиот цар Јоас го фати во Ветсамис јудејскиот цар Амасија, синот на Јоас, Ахазиевиот син, дојде во Ерусалим и урна четиристотини лакти од ерусалимскиот ѕид – од Ефремовата Порта до Аголната Порта. И го зеде сето злато и сребро и сите садови, какви што се најдоа во домот Господов и во сокровиштата на царскиот дом, и заложниците, и се врати во Самарија.