Седекија имаше дваесет и една година кога стана цар, и царуваше во Ерусалим единаесет години; и тој го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господ, својот Бог. Тој не се понизи ни пред пророкот Еремија, кој пророкуваше од Господовата уста.
И се одметна од царот Навуходоносор, кој го заколнал во името Божјо, и се покажа тврдоглав и го ожесточи срцето свое дотаму, што не се обрати кон Господ, Бог Израелов. Па и сите началници над свештениците и над народот ги зголемија своите престапи, следејќи ги сите гадотии на незнабошците, и го осквернуваа домот на Господ, што Тој го беше осветил во Ерусалим. Господ, Бог на нивните предци, им испраќаше Свои гласници уште во рано утро, зашто Му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште. Но тие се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Негови, ги понижуваа пророците Негови, додека гневот на Господ не падна врз народот Негов, та немаше за него спасение. И Тој го испрати врз нив халдејскиот цар, и тој ги уби со меч младинците нивни во домот на нивната светиња; не го поштеди ни Седекија – ни девица, ни старец, ни немоќен. Сѐ предаде Бог во раката негова. И сите садови на Божјиот дом, големи и мали, и ризниците на домот Господов, и ризниците на царот и началниците негови, – сѐ однесе во Вавилон. Па го изгореа Божјиот дом, ги разурнаа ѕидовите на Ерусалим и сите негови дворци со оган ги изгореа; и сите негови скапоцености ги уништија. А избавените од меч Навуходоносор ги пресели во Вавилон, и тие му беа робови нему, до зацарувањето на персискиот цар, за да се исполни зборот Господов, кажан преку устата на Еремија: додека земјата не ги отпразнува своите саботи, ќе почива во пустош, сето тоа време, сѐ додека не се навршат седумдесет години.