Сиот народ го зеде Озија, кој имаше шеснаесет години, та го постави за цар на местото на таткото негов Амасија. Тој го изгради Елат и ѝ го врати на Јудеја, откако царот, таткото негов, почина кај своите предци. Озија имаше шеснаесет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет и две години; мајка му се викаше Јехолија од Ерусалим. Тој го правеше она што беше угодно пред очите на Господ, токму онака, како што правеше и татко му Амасија; се определи за Бога во дните на Захарија, кој го учеше на страхопочит кон Бога; и во оние денови, додека се обраќаше кон Господ, Бог му помагаше. Тој излезе и се судри со Филистејците и ги разруши ѕидовите на Гет, и ѕидовите на Јавнија, и ѕидовите на Ашдот; ги изгради градовите во областа Ашдот и кај Филистејците. И Бог му помагаше против Филистејците и против Арапите, што живееја во Гур-Ваал, и против Меунците. И Амонците му плаќаа данок на Озија; и се прочу името негово сѐ до египетските предели, зашто беше многу силен. Озија изгради кули во Ерусалим над аголните порти, над портите кон долината и на аголот, и ги зацврсти. Изгради кули и во пустината, ископа и многу кладенци, бидејќи тој имаше многу добиток, како во низините, така и во рамнината, и земјоделци и градинари по планините и на Кармил, бидејќи го сакаше земјоделството. Озија имаше војска, која излегуваше во војна по одреди, според она како што беа изброени во списокот, составен од раката на писарот Јеиел, и надѕирателот Маасејаху, под водството на Хананјаху, голем царски великодостојник. Сите глави на семејства, храбри војници, беа на број две илјади и шестотини, и под команда на раката нивна имаше воена сила триста и седум илјади и петстотини души, кои влегуваа во битка со воинствена храброст, да му помагаат на царот против непријателот. И подготви Озија за нив, за целата војска, штитови и копја, шлемови и оклопи, лакови и камења за праќки. Направи во Ерусалим вешто измислени машини, да стојат на кулите и аглите, за да се фрлаат со нив стрели и големи камења. И се прочу името негово далеку, зашто се беше зацврстил чудно и беше станал многу силен.