Но по смртта на Јодај дојдоа јудејските началници и му се поклонија на царот; оттогаш царот почна да ги слуша. И го оставија домот Господов, Бог на своите предци, и почнаа да им служат на посветените дрвја и на идолите; заради тој нивен престап се подигна гневот Господов и врз Јуда и Ерусалим. Тој им испрати пророци за да ги повратат кон Господ и им сведочеа, но тие не ги послушаа. И Духот Божји го исполни Захарија, синот на свештеникот Јодај, и тој застана на возвишението пред народот и им рече: „Вака вели Господ: зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Успех нема да имате: како што вие Го оставивте Господа, така и Тој ќе ве остави.“ Тогаш се побунија против него и го убија со камења, по заповед на царот Јоас, во дворот на Господовиот дом. Царот Јоас не се сети на доброто, што му го беше направил Јодај, таткото на Захарија, а го уби синот негов. И тој умирајќи, велеше: „Нека види Господ и нека се одмазди!“
Откако измина годината, излезе против него арамејска војска и влегоа во Јудеја и Ерусалим и ги истребија од народот сите началници народни и сиот плен, земен од нив и му го испратија на царот во Дамаск. Иако сириската војска беше дошла во мал број, Господ им предаде во рацете нивни мошне многубројна сила, затоа што Го беа оставиле Господ, Бог на нивните предци. Тие му се одмаздија и на Јоас. Кога си отидоа од него, откако го оставија во тешка болест, слугите негови направија заговор против него, заради крвта на синот на свештеникот Јодај, го убија во леглото негово и тој умре. Го погребаа во Давидовиот град, но не го погребаа во царските гробници. А заговорници против него беа: Завад, син на Амонката Шимеата, и Јехозавад, син на Моавката Шимрита. За синовите негови, за многуте пророштва против него и за обновувањето на Божјиот дом е напишано во Книгата на царевите. Наместо него стана цар синот негов Амасија.