И застана Јосафат во собранието на Јудејците и на ерусалимците во Домот Господов, пред новиот трем, и рече: „Господи, Боже на предците наши! Не си ли Ти Бог на небото? Ти владееш над сите царства на народите; и во Твојата рака е силата и цврстината, и никој не може да застане против Тебе! Нели Ти, Боже наш, ги истера жителите на оваа земја, пред лицето на Твојот народ Израел и му ја даде засекогаш на потомството на Авраам, Твојот пријател? Тие се населија во неа и Ти изградија во неа светилиште за Твоето име, велејќи: ‚ако дојде врз нас неволја: меч погубен, или помор, или глад, ќе застанеме пред овој дом и пред Твоето лице, зашто името Твое е во тој дом; и во маките свои ќе повикаме кон Тебе, и ти ќе нѐ чуеш и ќе нѐ избавиш.‘ А гледај, Амонците и Моавците и жителите на гората Сеир, чии земји не дозволи да ги нападнат Израелците, кога доаѓаа од египетската земја, па затоа тие ги одминаа и не ги сотреа, тие пак сега ни возвраќаат со лошо, доаѓајќи да нѐ истераат од Твојот посед, што си ни го дал да го наследиме. Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало, и не знаеме што да правиме; но очите ни се кон Тебе.“ Сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни.