Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 11:5-23

2 Летописи 11:5-23 MK2006

Ровоам живееше во Ерусалим и ги загради градовите во Јудеја со ѕидови. Ги утврди Витлеем, Етам, Текоа, Бет-Цур, Сохо, Адулам, Гет, Мареша, Зиф, Адораим, Лакиш, Азека, Цора, Ајалон и Хеврон, што беа на Јудиното и на Венијаминовото племе. Ги зацврсти тие тврдини и по­стави во нив началници и складишта со жито, масло и вино. И на секој град му даде штитови и копја и ги зацврсти прилично добро. Под него останаа Јуда и Венијамин. Свештениците и левитите, колку што ги имаше по целата земја израел­ска, се собраа кај него од сите краишта, зашто левитите ги оставија селата свои и имотите свои и дојдоа во Јудеја и во Ерусалим, бидејќи Јеровоам и синовите негови ги отстранија од свеш­тенството Господово и си поставија пагански свеште­ници во идолските светилишта на ридовите, за идолите и за телињата што тој ги на­прави. А по нив и од сите племиња израелски, кои го управија срцето свое да Го бараат Господ, Бог Израелов, одеа во Ерусалим, за да Му принесат жртви на Господ, Бог на нивните предци. Тие го зацврстија царството Јудино и го поддржуваа Соломоно­виот син Ровоам три години, зашто одеа по патот на Давид и Соломон во тие три години. Ровоам си ја зеде за жена Маха­лата, ќерката на Јеримот, син Давидов, и на Авихаил, ќерка на Ели­јав, син на Јесеј; И таа му ги роди синовите: Јеус, Шемарија и Захам. По неа тој ја зеде Мааха, ќерка Авесаломова, и таа му ги роди Авија, Атај, Зиза и Шеломит. Ровоам ја сакаше Мааха, Аве­саломовата ќерка, повеќе од сите свои жени и прилежници, зашто тој имаше осумнаесет жени и шеесет прилежници, и роди дваесет и осум синови и шеесет ќерки. Ровоам го постави Авија, синот на Мааха, за началник и кнез над бра­ќата свои, зашто сакаше да го напра­ви цар. Па мудро работејќи, тој ги рас­прати сите синови свои по сите земји на Јуда и Венијамин, по сите утврдени градови, им даде многу храна и за нив доведе многу жени.