И Самоил му рече на Саул: „Зошто ме обеспокојуваш да излегувам?“ А Саул одговори: „Многу ми е тешко; Филистејците војуваат против мене, а Бог отстапи и повеќе не ми одговара ни преку пророци, ни на сон; затоа те повикав за да ме поучиш што да правам.“ Самоил одговори: „А зошто ме прашуваш мене, кога Господ отстапил од тебе и станал твој непријател? Господ ќе ти го направи тоа што го говореше преку мене: ќе го одземе Господ царството од рацете твои и ќе му го даде на твојот близок, на Давид. Бидејќи ти не го послуша гласот Господов и не го исполни Неговиот жесток гнев врз Амалик, затоа Господ и го врши тоа сега над тебе. Господ ќе го предаде Израел заедно со тебе во филистејски раце; утре ти и твоите синови ќе бидете со мене, а логорот израелски Господ ќе го предаде во филистејски раце.“ Тогаш Саул наеднаш падна со целото тело свое на земја, бидејќи многу се исплаши од зборовите на Самоил; притоа и сила немаше во него, зашто не беше јадел леб целиот тој ден и цела ноќ. Тогаш онаа жена се приближи до Саул и виде дека тој многу се уплашил, и рече: „Ете, слугинката твоја го послуша гласот твој, го изложи животот свој на опасност и ја изврши заповедта што ти ми ја даде; сега, молам, послушај го и ти гласот на слугинката твоја: јас ќе ти изнесам залче леб, касни си, и ќе имаш сила, кога ќе тргнеш на пат.“ Но тој откажа, велејќи: „Нема да јадам.“ И почнаа да го советуваат неговите луѓе, а исто така и жената; и тој го послуша нивниот глас, стана од земјата и седна на леглото. А жената имаше в куќи згоено теле, и побрза та го закла, зеде брашно, па замеси и испече погача, и им принесе на Саул и на слугите негови, и тие каснаа, станаа и заминаа истата ноќ.