Кога Давид го заврши разговорот со Саул, душата на Јонатан се приврза до душата негова, и Јонатан го засака како своја душа. И тој ден Саул го задржа и не му дозволи да се врати во домот на татко му. А Јонатан склучи сојуз со Давид, бидејќи го засака како душата своја. Јонатан ја соблече горната облека своја што беше на него, и му ја даде на Давид, исто така и другата облека своја, и мечот свој, и лакот свој, и појасот свој. А Давид постапуваше разумно насекаде, каде и да го испратеше Саул, и Саул го направи началник над војските; и тоа му се допадна на сиот народ и на слугите Саулови.
Кога одеа, при враќањето на Давид од победата над Филистеецот, жените од сите израелски градови излегуваа да го пресретнат царот Саул со песни, игри и радосни извици, со тимпани и кимвали. И жените што играа и пееја, говореа: „Саул победи илјади, а Давид – десетици илјади!“ Тогаш Саул многу се огорчи, непријатни му беа тие зборови, па рече: „На Давид му дадоа десетици илјади, а мене – илјади; му недостига само царство.“ И од тој ден Саул гледаше на Давид со завидливи очи. И се случи на другиот ден, лошиот дух што му го испраќаше Бог, да го нападне Саул, и тој беснееше во куќата своја, а Давид свиреше со раката по струните, како и во другите денови. А Саул во раката држеше копје. И го фрли Саул копјето, помислувајќи си: ќе го приковам Давид за ѕидот. Но Давид двапати се истргна од него. И Саул почна да се плаши од Давид, зашто Господ беше со него, а од Саул отстапи. И Саул го тргна од себе и го постави за свој илјаданачалник; оттогаш тој одеше и се враќаше на чело на својата војска. Во сите работи Давид постапуваше разумно, и Господ беше со него. И Саул виде дека е тој многу разумен, и се плашеше од него. А целиот Израел и Јуда го засакаа Давид, зашто тој излегуваше и влегуваше пред нив.