Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 15:1-35

1 Самоилова 15:1-35 MK2006

Потоа Самоил му рече на Саул: „Господ ме испрати да те пома­зам за цар над Неговиот народ, над Израел; а сега чуј го гласот Господов. Така говореше Господ Саваот: ‚Ќе го казнам Амалик за она што му го направи на Израел, кога му се испречи на патот додека овој излегуваше од Египет.‘ Оди сега и нападни го Амалик и истреби сѐ негово, но не земај за себе ништо од нив, туку уништи го и про­колни сѐ што е негово; не штеди го, туку предај на смрт од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до магаре.“ Го собра тогаш Саул народот и го преброи во Телаим. Тие беа двесте илјади Израелци пешаци и десет илјади од Јудиното племе. И дојде Саул до градот на Амали­кијците и постави заседа во долината. Па им рече Саул на Кенијците: „Одете, одделете се, излезете од средината на Амаликијците за да не ве погубам со нив, бидејќи вие покажавте благонаклоност спрема сите Израелци кога доаѓаа од Египет.“ И Кенијците се одделија од Амаликијците. И Саул го разби Амалик од Хавила сѐ до пределите на Сур, кој се наоѓа пред Египет, и го зароби жив амаликискиот цар Агаг, и сиот народ го истреби со меч. Но Саул и народот го поштедија Агаг и најдобрите овци, волови и згое­ните јагниња, и сѐ што е вредно, не го уништија, а го уништија само она што е лошо и безвредно. И дојде слово од Господ кон Самоил: „Жалам што го поставив Саул за цар, бидејќи тој се одврати од Мене и не го исполни зборот Мој.“ Се натажи Самоил многу, Го повикуваше Господа цела ноќ. А изутрината рано Самоил стана и отиде да го пресретне Саул. И му јавија на Самоил дека Саул отишол на Кар­мил и таму си подигнал споменик, но оттаму се вратил со колата и слегол во Гилгал. Кога Самоил дојде кај Саул, Саул му рече: „Благословен да си од Господ! Јас го исполнив зборот Господов.“ Но Самоил рече: „А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови што го слушам?“ Саул одговори: „Ги дотераа од Амалик, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господ, твојот Бог; а другото го истребивме.“ Самоил му рече на Саул: „Почекај да ти јавам што ми кажа Господ ноќеска.“ А Саул му рече: „Кажувај.“ Тогаш Самоил му рече на Саул: „Зарем не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израеловите племиња, и Господ те помаза за цар над Израел? И Господ те испрати на пат и рече: ‚Оди и нападни ги Амаликијците и војувај против нив, сѐ додека ги истребиш.‘ Зошто тогаш ти не го послуша гласот Господов, а се втурна по грабеж и направи зло пред очите на Господ?“ Саул му одговори на Самоил: „Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликискиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив, а од пленот: овците и воловите, на­родот го зеде најдоброто од ограбеното за да Му принесе жртва на Господ, твојот Бог, во Гилгал.“ Самоил одговори: „Зар сепалени­ците и приносите повеќе Му се пријатни на Господ, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е по­добра од жртвата, и покорувањето – подобро отколку овнешкото месо; зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господ, затоа и Тој те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“ И Саул му кажа на Самоил: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господ и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни. А сега симни го од мене мојот грев и врати се со мене за да Му се покло­нам на Господ.“ А Самоил му одговори на Саул: „Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“ Самоил се сврти да си оди. Но Саул се фати за крајот од облеката негова и ја раскина. Тогаш Самоил рече: „Денес Господ го одзеде царството Израелово од тебе и му го даде на твојот ближен, кој е подобар од тебе. Светецот Израелов не лаже и не се предомислува, бидејќи Тој не е човек, та да се предомисли.“ И рече Саул: „Згрешив; но направи ми сега чест пред старешините на мојот народ и пред Израел, и врати се со мене, и јас ќе Му се поклонам на Гос­под, твојот Бог.“ Самоил се врати по Саул, и Саул Му се поклони на Господ. Потоа Самоил рече: „Доведете ми го амаликискиот цар Агаг.“ Агаг, растреперен, се приближи до него, и рече Агаг: „Дали е ова горчината на смртта?“ Но Самоил рече: „Како што мечот твој ги лишуваше жените од децата, така и мајка ти меѓу жените нека биде лишена од син.“ И го исече Самоил Агаг пред Господ во Гилгал. Самоил отиде во Рама, а Саул отиде во домот свој во Гива Саулова. И Самоил веќе не се виде со Саул до денот на својата смрт; но Самоил патеше по Саул. А Господ зажали што го постави Саул за цар над Израел.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност