Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 14:1-23

1 Самоилова 14:1-23 MK2006

Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот слуга оруже­носец: „Дојди да минеме кон филистеј­ската стража, од онаа страна.“ А на татко си тој не му кажа за тоа. Саул, пак, се наоѓаше крај Гива, под калинковото дрво, кое е во Мигрон. Со него беа околу шестотини мажи. И Ахија, синот на Ахитув, братот на Ихавод, син на Финес, син Илиов, свеш­теник Господов во Силом, кој носеше ефод. А народот не знаеше дека Јона­тан заминал. Меѓу премините, низ кои Јонатан сакаше да се пробие до филистејската стража, имаше остра карпа од едната страна и остра карпа од другата: едната ја нарекуваа Боцец, а другата Сене. Едната карпа се издигаше на север кон Михмас, другата – на југ кон Гева. И му рече Јонатан на својот слуга оруженосец: „Дојди да преминеме кон стражата на необрезаните; можеби, Господ ќе ни помогне, бидејќи за Гос­под не е тешко да спаси било мнозина или малкумина.“ И оруженосецот одговори: „Прави сѐ што ти е по срцето; ете, јас сум со тебе, оди, каде што сакаш.“ Јонатан рече: „Еве, ќе преминеме кај оние луѓе и ќе застанеме да нѐ видат; ако ни речат: – застанете, додека да дојдеме до вас, – ние ќе застанеме на местата свои и нема да одиме кај нив; ако, пак, кажат: – дојдете кај нас, – ние ќе излеземе, зашто Господ ги пре­дал во рацете наши; и тоа ќе биде знак за нас.“ Кога и двајцата застанаа за да ги види филистејската стража, Филистеј­ците рекоа: „Ете, Евреите излегуваат од дупките, во кои се беа сокриле.“ И извика стражата кон Јонатан и оруженосецот негов, велејќи: „Дојдете кај нас, и ние ќе ви кажеме нешто.“ То­гаш Јонатан му рече на оруженосецот: „Оди по мене, зашто Господ ги предава во рацете на Израел.“ Тогаш Јонатан почна да се качува со раце и нозе, а оруженосецот негов по него. И Филистејците паѓаа под ударите на Јонатан, а оруженосецот ги доубиваше по него. И во тој прв пораз, нанесен од Јона­тан и оруженосецот негов, паднаа околу дваесет души, на простор од околу половина хектар земја. Па настана ужас во логорот во полето и меѓу сиот народ: стражата и оние што ја опустошија земјата, многу се уплашија. Се затресе целата земја, и настана голем ужас од Господ. И Сауловата стража во Гива Вени­јаминова виде дека народот се распрс­нува и трча наваму-натаму. И Саул му рече на народот што беше со него: „Погледајте и дознајте, кои од нашите се излезени.“ И откако прегледаа, се откри дека ги нема Јона­тан и неговиот оруженосец. И Саул му рече на Ахија: „Донеси го ковчегот Божји“ – зашто во тоа време ковчегот Божји беше со синовите Израелови. Саул уште му говореше на свештеникот, додека збрката во филистејскиот логор сѐ повеќе и повеќе се зголемуваше. Тогаш Саул му рече на свештеникот: „Собери ги рацете свои!“ Извика Саул и сиот народ што бе­ше со него, и дојдоа до местото на бит­ката, и ете, таму мечот на секого беше насочен против ближниот негов, така што имаше многу голема бркотница. Тогаш и Евреите, кои до вчера и завчера беа со Филистејците и кои заедно одеа со нив во логорот, се присоединија кон Израелците што беа со Саул и Јонатан. А сите Израелци што се криеја во Ефремовата Гора, откако слушнаа дека Филистејците се разбегале, и тие се присоединија кон своите во битката. Тој ден Господ го спаси Израел; а битката се прошири дури до Бет-Авен.