Ако се однесувате со почит кон Господ и Му служите, ако го слушате гласот Негов и не се противите на заповедите Господови, вие и царот ваш, кој владее над вас, ќе одите по Господ, вашиот Бог; ако, пак, не го слушате гласот Господов и почнете да се противите на заповедите Господови, раката на Господ ќе биде против вас, и против вашиот цар. А сега станете и погледнете го големото дело, што Господ го изврши пред очите ваши: нели е сега пченична жетва? Но јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати гром и дожд, и вие ќе дознаете и ќе видите, колку е големо злото што го направивте пред очите на Господ, барајќи за себе цар.“ И Самоил Го повика Господа, и Господ испрати гром и дожд во тој ден; и сиот народ многу се исплаши од Господ и од Самоил. И сиот народ му рече на Самоил: „Помоли се за слугите свои пред Господ, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште едно зло, кога баравме за себе цар.“ А Самоил му одговори на народот и рече: „Не плашете се, вие го направивте, вистина, тоа зло, но само не отстапувајте од Господ, и служете Му на Господ од сѐ срце, и не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се бесполезни. А Господ нема да го остави народот Свој заради Своето големо име, бидејќи на Господ Му беше мило да ве избере за Свој народ; исто така и јас нема да си дозволам грев пред Господ да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат. Само однесувајте се со страхопочит кон Господ и служете Му вистински од сето свое срце, зашто видовте какви големи дела изврши Тој со вас; ако пак правите зло, тогаш и вие и царот ваш ќе загинете.“