Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 10:1-24

1 Самоилова 10:1-24 MK2006

И зеде Самоил сад со масло, го излеа врз главата негова, го бакна и рече: „Еве, Господ те помаза за владетел на Своето наследство. И, кога ќе тргнеш сега од мене, ќе сретнеш два човека близу до Рахили­ниот гроб, во Венијаминовите предели, во Целцах, и тие со радост ќе ти кажат: ‚Се најдоа магариците што одеше да ги бараш, и ете, татко ти, заборавајќи ги магариците, се обеспокои за вас, веле­јќи: Што стана со синот мој?‘ Откако ќе отидеш понатаму и ќе дојдеш кај Таворскиот даб, и таму ќе те сретнат тројца луѓе, кои одат кај Бога во Ветил: едниот носи три јариња, другиот носи три леба, а третиот носи мев со вино. И тие ќе те поздрават и ќе ти ги дадат двата леба, и ти ќе ги земеш од рацете нивни. Потоа ќе дојдеш на Божјиот рид, каде што е филистејската стража; и кога ќе влезеш таму во градот, ќе срет­неш група пророци, кои слегуваат од ридот, и пред нив псалтир и тимпани, свирки и харфи, и ќе пророкуваат; и Духот Господов ќе слезе врз тебе, и ти ќе пророкуваш заедно со нив и ќе станеш друг човек. Кога ќе ги препознаеш овие знаци, тогаш прави она што може раката тво­ја, зашто со тебе е Бог. Оди пред мене во Гилгал, каде што и јас ќе дојдам кај тебе за да принесам жртва сепаленица и жртви за благодарност. Седум дена чекај, додека да дојдам кај тебе, и тогаш ќе ти кажам што да правиш.“ И штом Саул се сврте за да си оди од Самоил, Бог му даде друго срце, и сите оние знаци се збиднаа во истиот ден. Кога дојде до ридот, ете, го пресретна групата пророци, и Духот Божји слезе врз него, и тој пророкуваше меѓу нив. Сите што го познаваа до вчера и завчера, откако видоа дека тој пророкува со пророците, си велеа еден на друг: „Што се случило со Кисовиот син? Зар и Саул е меѓу пророците?“ И еден од оние што беа таму, одго­вори и рече: „Па кој е нивниот татко?“ Затоа излезе изрека: „Зар и Саул е меѓу пророците?“ И тој престана да пророкува и отиде на ридот. А Сауловиот чичко го праша него и слугата негов: „Каде одевте?“ Тој одго­вори: „Па ги баравме магариците, но, откако видовме дека ги нема, навративме кај Самоил.“ И Сауловиот чичко рече: „Раскажи ми што ви рече Самоил.“ И Саул му кажа на чичко си: „Тој ни јави дека магариците се најдени.“ А она што Самоил му го кажа за царувањето, не му го кажа. И Самоил го свика народот кај Гос­под во Мицпа, и им рече на синовите Израелови: „Така говореше Господ, Бог Израелов: ‚Јас го изведов Израел од Египет и ве спасив од рацете на Египќаните, од рацете на сите царства што ве притискаа.‘ А вие сега Го отфрливте вашиот Бог, Кој ве спаси од сите ваши маки и неволји, и Му рековте: постави ни цар. И затоа застанете сега пред Господ, според вашите племиња и според своите родови!“ И заповеда Самоил да минуваат сите племиња Израелови, и со ждрепка беше посочено Венијаминовото племе. И му заповеда на Венијаминовото племе да минува според домовите нивни, и беше посочен Матриевиот род; и го доведоа Матриевиот род човек по човек, и беше посочен Саул, Кисовиот син; и го бараа, но не го најдоа. И пак Го запрашаа Господа: „Ќе дојде ли тој човек тука?“ И Господ одговори: „Ене го, тој се крие меѓу запрегата.“ Го најдоа таму и го извадија оттаму; тој застана среде народот: а од рамени­ците свои угоре беше повисок од сите. И Самоил му рече на сиот народ: „Гледате ли, кого го избра Господ? Ка­ко него нема меѓу сиот народ.“ Тогаш сиот народ извика и рече: „Да живее царот!“