И така, покорувајте се на секоја човечка власт, поради Господ: било на цар, како на врховна власт, било на управители на Негови пратеници за да ги казнат злосторниците, а за да ги пофалат добротворците! Зашто, таква е волјата Божја, – со добротворство да го замолкнуваме незнаењето на безумните луѓе, како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покривка за вршење зло, туку – како слуги Божји. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, имајте страхопочит кон Бога, царот почитувајте го!
Слуги, покорувајте им се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите! Зашто, тоа ви оди во прилог, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо. Зашто, каква е пофалбата, ако трпите кога ве тепаат поради престапи? Но, ако трпите кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога. Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки: Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама; кога на Него хулеа, Тој не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди.