Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Петар 1:1-21

1 Петар 1:1-21 MK2006

Петар, апостол на Исус Христос, до повратниците распрснати по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витанија, избрани по предзнаењето на Бог Отецот, и осветени од Духот за пос­луш­ност и попрскување со крвта на Исус Христос: да ви се умножат благодатта и мирот! Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исус Христос од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас, кои Божјата сила преку верата ве сочувала за спасение, приготвено да се открие во последното време. Затоа радувајте се, макар што мо­же­би сега ќе треба малку и да тагувате по­ради разновидни искушенија, та вашата вера испитана да излезе подрагоцена од нетрајното злато, кое сепак се испробува преку оган, за по­фалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го сакате, иако не сте Го ви­де­ле, и во Кого верувајќи сега, а не гле­дај­ќи Го, се радувате со неискажлива и славна радост, примајќи ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите. Тоа спасение го бараа и испитуваа пророците што прорекоа за вашата благодат. Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив; ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, туку за вас со она што ви се јави сега вам преку оние кои го проповедаа Евангелието од не­бото преку Светиот Дух, и во кое копнеат да ѕирнат ангелите. Поради тоа, возљубени, препашете ги колковите на умот свој, бидете бодри и имајте целосна надеж дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исус Христос. Како послушни чеда, не постапувај­те веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“ Ако Го нарекувате Отец Оној, Кој непристрасно секому му суди според делата, тогаш поминувајте го времето на својот живот во страхопочит, знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на не­по­рочното и чисто Јагне – Христос, Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот, а се јави во последно време заради вас, кои преку Него поверувавте во Бо­га, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност