и денес, Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга место татко ми Давид, но јас сум сосема млад, не знам како да се однесувам. А Твојот слуга е среде Твојот народ што си го избрал, народ толку многуброен, па поради мноштвото негово не може ни да се преброи, ни да се догледа. Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло; зашто, кој може да управува со тој многуброен Твој народ?“ Мило Му беше на Господ што Соломон го побара тоа. Господ му рече: „Затоа што го побара тоа, и не побара за себеси долг живот, не побара богатство, не ги побара душите на твоите непријатели, туку си побара разум за да умееш да судиш, – Јас ќе направам според зборот твој: еве, ти давам мудро и разумно срце, така што подобен на тебе немало пред тебе, и по тебе нема да се издигне сличен на тебе; и она што не го побара, Јас ти го давам, – и богатство, и слава, така што нема да има подобен на тебе меѓу царевите во сите твои денови; и ако одиш по Мојот пат, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што одеше татко ти Давид, ќе ги продолжам и твоите дни.“