Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 22:1-40

1 Царевите 22:1-40 MK2006

Изминаа три години, без војна меѓу Арам и Израел. На третата година јудејскиот цар Јосафат дојде кај израелскиот цар. Израелскиот цар им кажа на слу­гите свои: „Знаете ли дека Рамот во Га­лаад е наш? А ние толку долго молчиме и не го земаме од рацете на арамејскиот цар.“ И му рече на Јосафат: „Ќе појдеш ли со мене во војна против Рамот во Галаад?“ Јосафат му одговори на из­ра­ел­скиот цар: „Како што одиш ти, така и јас; како твојот народ, така и мојот на­род; како твоите коњи, така и моите.“ Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Прашај денес што ќе каже Господ.“ Израелскиот цар ги собра тогаш пророците – околу четиристотини души – и ги праша: „Да одам ли во војна против Рамот Галаадски, или не?“ Тие од­говорија: „Оди, Господ ќе го предаде во рацете на царот.“ Јосафат праша: „Нема ли тука уште некој пророк Господов, та преку него да Го прашаме Господ?“ Израелскиот цар му одговори на Јосафат: „Има уште еден човек, преку кого можеме да Го прашаме Господа, но јас не го сакам него, зашто не пророкува за мене добро, туку само зло, – тој е Михеј, синот на Јимла.“ Јосафат рече: „Царе, не говори така.“ Израелскиот цар повика еден дворјанин и рече: „Оди поскоро по Јимлае­виот син Михеј!“ Израелскиот цар и Јосафат, јудеј­скиот цар, седеа секој на своето се­диште, облечени во царска облека, на плоштадот пред портите на Самарија, и сите пророци пророкуваа пред нив. Ќенаановиот син Седекија си направи железни рогови и рече: „Вака вели Господ: со овие ќе ги бодеш Ара­мејците, додека да ги истребиш.“ И сите пророци го пророкуваа ис­тото, велејќи: „Оди против Рамот Га­лаадски; ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.“ Гласникот, кој беше отишол да го повика Михеј, му рече: „Еве, зборовите на пророците едногласно му претска­жуваат добро на царот; и твојот збор нека биде согласен со зборот на секој од нив; искажи и ти добро.“ Михеј одговори: „Се колнам во Господ! Ќе го кажам она што ќе ми каже Господ.“ Кога дојде кај царот, овој го праша: „Михеј, да одиме ли во војна против Рамот Галаадски, или не?“ А тој му одговори: „Оди, ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.“ Тогаш царот му рече: „Пак ли да те заколнувам да не говориш ништо, освен вистината во името на Господ?“ Тој одговори: „Ги гледам сите Из­раелци распрснати по горите како овци, кои немаат пастир, зашто Господ рече: ‚господар немаат; секој нека се врати со мир во домот свој.‘“ Израелскиот цар му рече на Јоса­фат: „Нели ти реков дека тој не пророкува добро за мене, туку само лошо?“ А Михеј одговори и рече: „Не така, ислушај го словото Господово; Го видов Господ како седи на Својот пре­стол, и целата небесна војска стоеше по­крај Него десно и лево; и Господ рече: ‚Кој ќе го наговори Ахав да оди и да падне во Рамот Га­лаадски?‘ И еден велеше вака, а друг инаку; еден дух, пак, истапи, застана пред лицето на Господ и рече: ‚јас ќе го наго­ворам!‘ А Господ го праша: ‚Како?‘; Тој одговори: ‚ќе излезам и ќе ста­нам дух што лаже во устата на сите негови пророци.‘ Господ рече: ‚ти ќе го наговориш и ќе го исполниш тоа‘; оди и направи така. И, ете, Господ сега допушти лаж­лив дух во устата на сите тие твои пророци; но Господ искажа за тебе лошо.“ А Ќенаановиот син Седекија се доближи, го удри Михеј по устата, и рече: „Како, зар излезе од мене Духот Господов за да говори во тебе?“ Михеј одговори: „Ете, ти ќе го согледаш тоа во оној ден, кога ќе бегаш од една соба во друга за да се сокриеш.“ Тогаш израелскиот цар рече: „Зе­мете го Михеј и одведете го кај заповед­никот на градот Амон и кај царскиот син Јоас. И кажете: вака вели царот: ‚Затворете го овој во темницата и хра­нете го со малку леб и вода, додека не се вратам со мир.‘“ А Михеј рече: „Ако се вратиш со мир, тогаш Господ не зборувал преку мене.“ И рече: „Чујте, сите луѓе!“ Потоа израелскиот цар и Јосафат, јудејскиот цар, тргнаа за Рамот во Галаад. Израелскиот цар му рече на Јоса­фат: „Јас ќе се преоблечам и ќе влезам во борба, а ти облечи си ги царските алишта.“ И израелскиот цар се преоблече и влезе во борба. А арамејскиот цар им заповеда на заповедниците над колите, на број беа триесет и двајца, велејќи: „Не бијте се ниту со мал, ниту со голем, туку само со израелскиот цар.“ Заповедниците над колите кога го видоа Јосафат, помислија, бездруго, тоа е израелскиот цар, и се свртеа против него за да се удрат со него. Но Јосафат почна да вика. И заповедниците на бојните коли, кога видоа дека тој не е израелскиот цар, се иставија од него. А еден човек случајно го запна лакот и го рани израелскиот цар низ шевовите на оклопот. А царот му рече на својот колар: „Врти назад и извади ме од војската, бидејќи сум ранет.“ Но во тој ден борбата се засили, и царот стоеше во колата спроти Ара­мејците, а вечерта умре; крвта од раката се слеваше по колата. И кај зајдисонце беше објавено по целиот логор: секој да си оди во градот свој, секој – во земјата своја. Така умре царот и беше донесен во Самарија, и го погребаа царот во Самарија. Колата ја измија на самарјанскиот извор, каде што се миеја блудниците, и кучињата ја лижеа крвта негова, според словото на Господ, што Тој го изрече. Другите дела на Ахав и сѐ што бе­ше направил, и куќата од слонова коска што ја изгради, и сите градови што ги изгради, се опишани во летописите на израелските цареви. Ахав почина кај татковците свои, а место него стана цар синот негов Охо­зија.