Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 14:1-24

1 Царевите 14:1-24 MK2006

Во она време се разболе Јеровоамовиот син Авија. И Јеровоам ѝ рече на жена си: „Ста­ни и преоблечи се за да не те познаат дека си Јеровоамова жена, па оди во Силом. Таму е пророкот Ахија што ми претскажа дека ќе бидам цар на овој народ. Земи со себе десет леба, питки и грне мед, па оди кај него; тој ќе ти каже што ќе стане со детето.“ Јеровоамовата жена така направи: стана, отиде во Силом и влезе во куќата на Ахија. А Ахија веќе не можеше да гледа, зашто очите му беа станале не­подвижни од старост. Тогаш Господ му рече на Ахија: „Ете, Јеровоамовата жена доаѓа да те праша за својот син, бидејќи е болен; кажи ѝ така и така; ќе ти дојде препра­вена како да е некоја друга.“ Ахија штом го слушна шумот од нејзините чекори, кога влезе низ вратата, рече: „Влези, Јеровоамова жено; зо­што требаше да се преправаш во друга жена? Јас сум пратен да ти кажам зло. Оди и кажи му на Јеровоам: вака вели Господ, Бог Израелов: ‚Јас те из­дигнав од средината на простиот народ и те поставив за водач на Мојот народ Израел, го одзедов царството од Давидовиот дом и ти го дадов тебе; но ти не си таков, каков што беше Мојот слуга Давид, кој ги пазеше заповедите Мои и кој Ме следеше од сѐ срце, вршејќи го само она што е угодно пред очите Мои; ти постапуваш полошо од сите што беа пред тебе, и отиде, та си направи други богови и идоли за да Ме дразниш, а Мене ме отфрли зад грбот свој, затоа Јас ќе испратам зло врз Јеро­воамовиот дом и ќе го истребам кај Јеровоам сѐ што е машко, и оној што е роб и оној што е слободен во Израел, и ќе го исчистам Јеровоамовиот дом сосема, како што чистат ѓубре; кој од Јеровоамовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат‘; така вели Господ. Стани, па оди во домот свој; и штом ногата твоја ќе стапне во градот, детето ќе умре; сите Израелци ќе го оплачат и ќе го погребат, зашто само тоа од Јеро­воамовиот дом ќе влезе во гроб, бидејќи само во него, од целиот Јеровоамов дом, се најде нешто добро пред Господ, Израеловиот Бог. И Господ ќе Си издигне над Израел цар, кој ќе го истреби Јеровоамовиот дом во оној ден; и што? – еве денес! И Господ ќе го порази Израел, и тој ќе биде како трска, која се лула во водата, и ќе ги исфрли Израелците од оваа убава земја што им ја даде на татковците нивни, и ќе ги расфрли зад Реката, поради тоа што си направија идоли и Го гневеа Господа; и ќе го напушти Господ Израел поради гревовите на Јеровоам што сам си ги направи, и со кои го наведе во грев Израел.“ Јеровоамовата жена стана, тргна и дојде во Тирца; и штом стапи на куќ­ниот праг, детето умре. И сите Израелци го погребаа и оплакаа, според словото на Господ, што Тој го изрече преку Својот слуга, пророкот Ахија. Другите дела на Јеровоам – како војувал и како царувал – се опишани во летописите на израелските цареви. Времето, во кое царуваше Јерово­ам, беше дваесет и две години; и почина кај татковците свои, а место него се зацари синот негов Надав. Соломоновиот син Ровоам царуваше во Јудеја. Ровоам беше на четири­есет и една година кога стана цар, и царуваше седумнаесет години во Еру­салим, во градот што Господ го избра од сите Израелови племиња за да ос­тане засекогаш таму името Негово. Името на мајка му беше Ноема, Амон­ка. И Јуда го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господ, и Јуди­ните синови го разгневуваа повеќе, отколку татковците нивни со гревовите свои што беа ги правеле. Тие си беа издигнале идоли и идолски светилишта на секој висок рид и под секое сенчесто дрво. Во таа земја имаше и блудници што ги вршеа сите гнасотии на оние народи, кои Господ ги беше прогонил од лицето на Израеловите синови.