Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на деца во Христос. Со млеко ве напоив, а не со јадење, зашто уште не можевте да го примите, а и сега уште не можете, бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом меѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе? Зашто, кога еден вели: „Јас сум Павлов“, а друг: „Јас сум Аполосов“, не сте ли тогаш телесни? Што е, впрочем, Павле, а што Аполос? Не се ли тие служители преку кои вие поверувавте, и тоа според она колку кому Господ му дал? Јас посадив, Аполос полеа, но Бог направи да израсне. Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту, пак, оној што полева, туку Бог, Кој прави да израсне. Кој сади и кој полева се едно; а секој ќе ја добие својата награда според својот труд. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божјо здание. Според Божјата благодат, што ми е дадена, јас, како мудар градител, поставив темел, а друг надѕидува; само секој нека пази како надѕидува. Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, а таа е Исус Христос. Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, сечие дело ќе се покаже јасно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита какво е делото на секого. И, ако делото на оној што ѕидал остане, тој ќе прими награда. А оној чие дело ќе изгори, тој ќе биде оштетен, а самиот ќе се спаси, но како низ оган. Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие. Никој нека не се лаже; ако некој мисли дека е мудар меѓу вас во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар. Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога, како што е напишано: „Тој ги лови мудрите во нивното лукавство.“ И пак: „Господ знае дека размислите на мудрите се суетни.“ И така, никој нека не се фали со луѓе, бидејќи сѐ е ваше: било Павле или Аполос, или Кифа, било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сѐ е ваше, вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји.