Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат за нив? Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност? Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ. Ако во Ефес, човечки речено, се борев со ѕверови, каква е мојата полза? Ако мртвите не воскреснуваат – „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!“ Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“ Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Зашто некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова.
Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат? Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре. А кога сееш, не го сееш телото, кое треба да настане, туку голо зрно, на пример пченично или некое друго; но Бог му дава тело, какво што сака, и тоа на секое семе негово сопствено тело. Не е секое тело исто тело: друго е телото на човек, друго е телото на животно, друго на риба, друго на птица. Има тела небесни и тела земни, но друг е блесокот на небесните и друг на земните; друг е блесокот на сонцето; друг е блесокот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по блесокот се разликува. Така е и со воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање; се сее во бесчестие – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила; се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Ако има тело душевно, има и тело духовно. Па така е и напишано: „Првиот човек Адам стана жива душа“, а последниот Адам – животворен дух. Но не е прво духовното, туку душевното, а потоа духовното. Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото. Каков е земјениот, такви се и земјените; и каков е Небесниот, такви се и небесните; и како што го носиме ликот на земјениот, така ќе го носиме и образот на Небесниот. А ова ви го велам, браќа, дека телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста. Еве, тајна ви кажувам; сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме, одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливост, а смртното – да се облече во бесмртност. А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: „Победата ја проголта смртта.“ „О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“ Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот. Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос. И така, браќа мои возљубени, бидете постојани, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господ нема да биде залуден.