Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 15:1-28

1 Коринтјаните 15:1-28 MK2006

Браќа, ви напоменувам за Еван­гелието, Кое ви го проповедав, а кое вие го примивте и во Кое стоите. Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно. Ви го предадов најнапред она што го бев и примил, дека Христос умре за на­шите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте; после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа; потоа му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли, а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црк­ва. Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во ме­не, не беше напразна, но повеќе се пот­рудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене. И така, било јас, или тие, така про­поведаме, и вие така поверувавте. И ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како тогаш не­кои меѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите? А штом нема воскресение на мрт­вите, тогаш и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера. Би се покажале како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме против Бога дека Го воскреснал Христос, Кого што не Го воскреснал, ако навистина мрт­ви­те не воскреснуваат. Зашто, ако мртвите не воскреснува­ат, и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што умреле за Хрис­тос, пропаднале. И, ако само во овој живот се надева­ме на Христос, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мрт­вите, и со тоа стана првина за упокоените. Бидејќи смртта дојде преку чо­ве­кот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек. И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат ожи­ве­ани; но секој по свој ред: Христос е пр­виот плод; потоа, при Неговото доа­ѓа­ње, ќе воскреснат сите што се Хрис­тови. А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила. Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.“ А како последен непријател ќе биде уништена смртта, зашто „сите ги покори под нозете Негови“; а кога се вели: „Сѐ Му е Нему покорено“, очевидно е дека се изоставува Оној, Кој Му потчини сѐ. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ.