Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 27

27
Јаков го присвојува благословот ветен на Исав
1 # 25,23-26; 26,34-35 Кога Исак остаре и му ослабе видот на очите, го повика поста­риот свој син Исав, и му рече: „Сине мој!“ А тој одговори: „Еве ме.“ 2Исак рече: „Еве остарев и не го знам денот на мојата смрт. 3Земи го сега оружјето свое, лакот и стрелите, и излези в поле, и улови ми дивеч! 4Па зготви ми јадење какво што са­кам, и донеси ми да јадам, за да те бла­гослови душата моја, пред да умрам.“ 5А Ревека чу што му рече Исак на синот свој Исав; и Исав отиде в поле да улови и донесе дивеч. 6#25,28Ревека, пак, му рече на синот свој Јаков, велејќи: „Ете, го чув татко ти, како му велеше на братот твој Исав: 7‚Донеси ми дивеч и зготви ми јаде­ње, да јадам, па да те благословам пред Господ, пред да умрам.‘ 8Туку сега, синко мој, послушај ме што ќе ти речам: 9Оди при стадото и донеси оттаму две добри (млади) јариња; и јас ќе зготвам за таткото твој јадење од нив, какво што сака; 10а ти ќе му однесеш на татко си, и тој ќе јаде, па ќе те благослови дури е уште жив.“ 11#25,25А Јаков ѝ рече на Ревека, мајката своја: „Но Исав, братот мој, е рунтав, а јас сум човек гладок. 12Може татко ми да ме допре, па пред очите негови ќе станам измамник, и место благослов ќе навлечам врз себе проклетство.“ 13А мајка му одговори: „Проклет­ството твое, синко, нека падне на мене; само послушај ме, и оди, па донеси ми!“ 14Тогаш тој отиде, зеде и ѝ донесе на мајка си; а мајка му зготви јадење, какво што сакаше татко му. 15Па потоа ја зеде Ревека најубавата облека на постариот син Исав, што бе­ше кај неа дома, и го облече Јаков, по­младиот нејзин син, 16а рацете негови и голиот врат му го обложи со јарешки кожички. 17И му го даде на Јаков, синот свој, в раце јадењето и лебот, што го беше зготвила. 18А тој влезе при татко си и му рече: „Татко!“ А тој одговори: „Еве ме! Кој си ти, синко?“ 19Јаков, пак, му рече на татко си: „Јас сум Исав, твојот првороден син; направив, како што ми рече; стани, седни и јади од ловот мој, па да ме благослови душата твоја.“ 20А Исак му рече на синот свој: „Кога толку бргу најде, синко мој?“ А тој одговори: „Господ, твојот Бог, ми донесе среќа.“ 21Тогаш му рече Исак на Јаков: „Дојди поблизу, синко мој, да те допрам и да видам дали си ти, синот мој Исав, или не!“ 22И пристапи Јаков до Исак, таткото свој, а тој го допре, па рече: „Гласот е глас на Јаков, но рацете се раце Иса­вови.“ 23И не го позна, зашто рацете му беа како рацете на Исав, братот негов, рунтави. И го благослови. 24И му рече: „Ти ли си синот мој Исав?“ А тој одговори: „Јас сум.“ 25Тогаш рече: „Дај ми сега, синко, да јадам од ловот твој, па да те благослови душата моја.“ И му даде и тој јадеше; па му донесе и вино, и пиеше. 26Потоа Исак, таткото негов, му рече: „Приближи се до мене и целивај ме, синко!“ 27И тој пристапи и го целива; Исак го почувствува мирисот од облеката негова, и го благослови, велејќи: „Еве, ми­рисот на синот мој е како мирис од полето, што го благословил Господ. 28#5 Мојс 33,13; Евр 11,20Бог нека ти даде роса небеска и родна земја: многу жито и вино во изобилие! 29#12,3; 25,23; Сир 44,23Народи да ти слугуваат и племиња да ти се поклонуваат! Да бидеш господар над братот свој и да ти се поклонуваат синовите на мајка ти! Проклет да биде оној, што тебе те проколнува, а благословен – оној што тебе ќе те благо­словува!“ 30Па откако Исак го благослови Јаков, и Јаков отиде од Исак, таткото свој; во тој час дојде од лов Исав, братот негов. 31И тој му зготви јадење и му однесе на татко си, и му рече: „Стани, татко, и јади од она што синот твој улови, за да ме благослови душата твоја!“ 32И Исак, таткото негов, му рече: „Кој си ти?“ А тој рече: „Јас сум синот твој, првородениот Исав.“ 33Тогаш Исак многу се возбуди и рече: „А кој беше оној, кој уловил лов и ми донесе од сѐ, и јас јадев, пред да дој­деш ти, и го благословив? Тој и ќе оста­не благословен.“ 34А кога ги чу Исав зборовите на таткото негов, извика на сиот глас и многу се нажали, па му рече на татко си: „Благослови ме и мене, татко!“ 35#Ер 9,4-5; Ос 12,3А тој му одговори: „Дојде братот твој со итрина, и го зеде твојот благо­слов.“ 36#25,26.29-34(Исав), пак, рече: „Сигурно затоа му е името Јаков, еве веќе двапати ме истисна. Првородството ми го зеде, а сега и благословот ми го зеде.“ Потоа рече: „Не остави ли благослов и за мене?“ 37И Исак одговори и му рече на Исав: „Него веќе го поставив за господар над тебе; и сите браќа негови ги определив да му бидат слуги; со жито и вино го обдарив; а што да направам сега, синко, за тебе?“ 38#Евр 11,20Но Исав му рече на татко си: „Зар само еден благослов има кај тебе, татко? Благослови ме и мене, татко!“ И (бидејќи Исак молчеше) извика Исав на сиот глас и заплака. 39#Ис.Н. 24,4Тогаш Исак, таткото негов, одговарајќи му, рече: „Ете, домот твој ќе биде од плодна земја и од роса небеска одозгора. 40Од мечот свој ќе живееш и на братот твој ќе му служиш; но еднаш, кога ќе се побуниш, ќе го отфрлиш јаремот негов од вратот свој.“
Јаков бега кај вујко си Лаван
41 # 28,5 Тогаш Исав го намрази Јакова по­ради благословот, со кој го беше бла­гословил татко му; и си рече Исав во срцето свое: „Се наближуваат деновите на оплакувањето за таткото мој; тогаш ќе го убијам Јаков, братот мој.“ 42#Мудр 10,10И ѝ ги кажаа на Ревека зборовите од Исав, постариот нејзин син, а таа испрати, па го повика Јаков, помладиот син нејзин, и му рече: „Братот твој Исав се заканува дека ќе те убие. 43#24,29Затоа, синко, послушај ме сега: – Стани и бегај (во Месопотамија) кај Лаван, братот мој, во Харан, 44и живеј кај него некое време, додека му помине гневот на братот твој; 45и додека не се смири лутината на братот твој и подзаборави што си му направил. А тогаш, јас ќе пратам, да те доведат оттаму. Зошто да останам без вас двајцата во еден ден?“ 46А на Исак Ревека му рече: „Ми омрзна животот поради ќерките хитиски. А ако земе Јаков жена од ќерките хитиски, какви што се овие, од ќерките на оваа земја, тогаш зошто ми е животот?“

Селектирано:

Битие 27: MK2006D

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност