YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 3

3
1Еден ден, Петар и Јован се упатија кон храмот. Беше три часот попладне - време за молитва.
2Токму тогаш донесоа еден човек, сакат во нозете од раѓање, што секојдневно го носеа и го оставаа пред познатата ?Красна порта‘, за да проси милостина од луѓето што доаѓаа во храмот.
3Кога виде дека Петар и Јован ќе влегуваат во храмот, запроси да му дадат нешто.
4Петар и Јован го погледнаа и му рекоа: „Погледни не!“
5Сакатиот молежливо ги гледаше, очекувајќи милостина.
6Тогаш Петар му рече: „Немам ни сребреници, ни златници, но тоа што го имам, ти го давам: Во името на Исус Христос од Назарет, стани и ќе проодиш!“
7Потоа го фати за десната рака и го исправи. Во истиот миг му зацврснаа стапалата и глуждовите!
8Скокна, застана на своите нозе и почна да оди! Заедно со нив влезе во храмот, скокајќи и славејќи Го Бога.
9Целиот народ го виде како оди и Го слави Бога.
10Тие знаеја дека тоа беше истиот човек што седеше и просеше пред Красната порта на храмот и од восхит не можеа да се изначудат на она што се случи.
11Сиот народ се насобра околу нив, под Соломоновиот трем. Човекот не се одвојуваше од Петар и Јован. Луѓето стоеја, стаписани од тоа што се случи.
12Кога Петар виде дека луѓето се чудат, им рече: „Луѓе, Израелци, зошто се чудите на ова? Зошто зјапате во нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди!?
13Преку ова дело, Богот на Авраам, на Исак, на Јаков и на сите наши предци, Го прослави Својот Слуга Исус. Вие Го предадовте и се откажавте од Него пред Пилат, кога тој беше решил да Го ослободи.
14Се откажавте од Светиот и Праведниот, а побаравте да биде пуштен на слобода еден убиец!
15Зачетникот на животот Го убивте! Но Бог Го воскресна од мртвите - ние сме живи сведоци за тоа.
16Овој човек, кого вие добро го познавате, се исцели врз основа на верата во Неговото име. Верата во Исусовото име го оздраве пред вашите очи.
17Браќа, знам дека вие и вашите водачи го направивте тоа од незнаење,
18но Бог на тој начин го исполни она што го беше претскажал преку сите пророци: дека Месијата испратен од Него ќе мора да помине низ овие страдања.
19Затоа покајте се и свртете се кон Бога, за да ви бидат избришани гревовите.
20Тогаш, присуството на Господ во вашите животи ќе ви донесе освежување и Бог ќе ви Го испрати Месијата Исус, Кој од порано ви беше претскажан.
21Исус треба да остане на небото, се додека не дојде време Бог да обнови се, како што ни вети уште одамна преку Своите свети пророци.
22Уште Мојсеј беше претскажал: ,Господ, вашиот Бог, ќе ви издигне од вашиот народ Пророк, како што сум јас. Се што ќе ви каже Тој - слушајте Го!
23Секој што нема да Го послуша Тој Пророк, ќе биде истребен од Божјиот народ.‘
24А и сите пророци, од Самоил и неговите наследници, па наваму, зборуваа токму за ова време.
25Вие сте потомци на пророците, вие сте тие за кои Бог на вашите предци им даде завет, ветувајќи му на Авраам: ,Преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на Земјата.‘
26Штом Бог Го издигна Својот Слуга, Го испрати прво кај нас, за да ве благослови со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите грешни патишта.“

Currently Selected:

Дела Ап. 3: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy