Parallel

Матеј 24

24
1Кога Исус излезе од Храмот, одеше натаму; Неговите ученици Му се приближија за да Му ги покажат зградите на Храмот.
2А Тој им одговори: „Го гледате ли сето ова? Вистина ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, што не ќе биде урнат.”
3Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите ученици дојдоа при Него насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на свршетокот на векот?”
4И Исус одговори и им рече: „Гледајте да не ве заблуди некој;
5зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас Сум Христос,” и ќе заблудат мнозина.
6А ќе чуете за војни и гласови за војни. Пазете да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но уште не е крај.
7Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство; и ќе има глад, и помор, и земјотреси на разни места.
8Но сè тоа е само почеток на страдањата.
9Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име.
10Тогаш мнозина ќе се соблазнат; и едниот ќе го предава другиот; и едниот ќе го мрази другиот;
11и ќе се јават многу лажни пророци и ќе заблудат мнозина.
12И заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина.
13А кој ќе издржи до крај, ќе биде спасен.
14И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот.”
15”И така, кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето - за која зборува пророкот Даниел - како стои на свето место; кој чита - нека разбере! -
16Тогаш жителите на Јудеја нека бегаат по горите;
17а кој ќе биде на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа;
18и кој ќе биде во полето, нека не се враќа за да ја земе наметката!
19Горко им на бремените и на доилките во тие денови!
20Молете се вашето бегство да не биде во зима или во сабота,
21зашто тогаш ќе биде голема мака, каква не била од создавањето на светот досега, ниту ќе биде.
22И ако не би се скратиле тие дни, не би се спасило ниедно тело. Но заради избраните ќе бидат скратени тие дни.”
23”Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму’- не верувајте,
24зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните.
25Ете, ви реков однапред!
26И така, ако ви речат: ‘Ене Го во пустината!’- не излегувајте! ‘Ене Го во една од внатрешните соби!’- не верувајте.
27Зашто, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син.
28Каде ќе биде трупот, таму орлите ќе се собираат!”
29”Веднаш по тагата на тие денови, сонцето ќе потемни; месечината нема да ја дава својата светлина; и ѕвездите ќе паѓаат од небото, и небесните сили ќе се расклатат.
30И тогаш ќе се јави на небото знакот на Човечкиот Син; и тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син, како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава.
31И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.”
32”А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу.
33Така и вие, кога ќе го видите сè тоа, знајте дека е близу - пред вратата!
34Вистина ви велам, ова поколение нема да помине додека не се збидне сè тоа.
35Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.”
36”А за оној ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, а само Мојот Татко.
37Како во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Човечкиот Син.
38Зашто, како во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа, до денот кога Ное влезе во ковчегот,
39и не знаеја додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син.
40Тогаш двајца ќе бидат на полето, еден ќе биде однесен, а другиот оставен.
41Две жени ќе мелат на мелница; едната ќе биде однесена, а другата оставена.
42Затоа, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде вашиот Господ!
43А знајте го ова: ако домаќинот би знаел во која ноќна стража ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му се поткопа куќата.
44Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, кога не мислите.”
45И така, кој е оној верен и благоразумен слуга, кого господарот го поставил над слугите свои, за да им дава храна навреме?
46Блажен е оној слуга, кого неговиот господар - кога ќе дојде - ќе го најде да прави така.
47Вистина ви велам: ќе го постави над сиот свој имот.
48Ако пак оној зол слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар ќе се забави долго, ‘
49па почне да ги бие своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците,
50господарот на оној слуга ќе дојде во ден, кога не очекува, и во час, што не го знае,
51па ќе го пресече и ќе го стави меѓу лицемерите. Таму ќе биде плач и чкртање со заби.”