Parallel

Матеј 25

25
1„Тогаш Небесното царство ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилници и му излегоа во пресрет на младоженецот.
2Петте од нив беа неразумни, а петте мудри.
3Зашто неразумните зедоа со себе светилки, но не зедоа масло;
4а мудрите зедоа масло, во садовите, со своите светилници.
5Бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.
6А на полноќ се чу викање: ‘Еве го младоженецот, излезете му во пресрет!’
7Тогаш сите оние девици станаа и ги приготвија своите светилки.
8А неразумните им рекоа на мудрите: ‘Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилници ни гаснат.’
9Но мудрите им одговорија и рекоа: ‘За да не биде малку и за нас и за вас, отидете кај трговците и купете си!’
10Кога отидоа да купат, младоженецот дојде и спремните влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори.
11А потоа дојдоа и другите девици и рекоа: ‘Господаре, господаре, отвори ни!’
12Но тој им одговори и рече: ‘Вистина ви велам - не ве познавам!’
13И така - бдејте, зашто не го знаете ни денот ни часот!”
14”Зашто ќе дојде како човек, кој - тргнувајќи на пат - ги повика своите слуги и им го предаде својот имот,
15и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според неговата способност, и отпатува.
16Оној, кој прими пет таланти, веднаш отиде, и тргуваше со нив и спечали други пет.
17Исто така, и оној со двата таланти, спечали други два.
18А оној, кој прими еден отиде, ископа во земјата и го сокри среброто на својот господар.
19По долго време, дојде господарот на тие слуги и ја прегледа сметката со нив.
20И кога пристапи оној, кој примил пет таланти, донесе други пет таланти и рече: ‘Господаре, ми предаде пет таланти, а еве, јас спечалив и други пет.’
21Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’
22А кога пристапи оној, кој примил два таланта, рече: ‘Господаре, ми даде два таланта, а еве, јас спечалив други два.’
23Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’
24А кога пристапи оној, кој примил еден талант, рече: ‘Господаре, знаев дека си ти строг човек, жниеш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел;
25се исплашив, отидов и го скрив твојот талант во земјата. Еве, го имаш своето!’
26А неговиот господар одговори и рече: ‘Зол и мрзлив слуго, знаеше дека жнијам, каде што не сум сеел и дека собирам, каде што не сум веел;
27затоа требаше да им го дадеш моето сребро на менувачите и јас - по враќањето - ќе го земев моето со добивка.
28Затоа, одземете му го талантот и дајте му го на оној, кој има десет таланти!
29Зашто секому, кој има, ќе му се даде уште и ќе има во изобилство, а оној, кој нема, ќе му се одземе и она што го има.
30А неполезниот слуга исфрлете го во крајна темнина; каде ќе биде плач и чкртање со заби.’”
31”Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава;
32и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од јарците.
33И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата.
34Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот!
35Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте;
36бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’
37Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме?
38Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме?
39Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе?
40А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’
41Тогаш ќе им рече и на оние од левата страна: ‘Одете си од Мене, проклети, во вечниот оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели!
42Зашто огладнев и не ми дадовте да јадам; ожеднев и не Ми дадовте да пијам,
43бев странец и не Ме примивте; бев гол и не Ме облековте; бев болен и во темница и не Ме посетивте.’
44Тогаш тие ќе одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден или како странец, или гол или болен или во темница, и не Те послуживме?’
45Тогаш ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку не му направивте на еден од овие најмали, ни Мене не Ми направивте!’
46И овие ќе отидат во вечна мака, а праведниците во вечен живот.”