Parallel

Матеј 23

23
1Тогаш Исус му рече на народот и на Своите ученици;
2говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите,
3затоа сè што ќе ви речат - правете и пазете - но не постапувајте според нивните дела, зашто зборуваат, а не извршуваат!
4Туку врзуваат тешки и неподносливи бремиња и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат.
5А сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; затоа ги рашируваат своите молитвени записи и ги прават големи ресите на облеките;
6ги сакаат: челните места по гозбите и првите места во синагогите;
7поздравите на јавните места и луѓето да ги наречуваат ‘рави’.
8А вие не наречувајте се учители - зашто е Еден вашиот Учител - Христос, а вие сите сте браќа.
9И никого на земјата не наречувајте го свој ‘татко’, зашто е Еден вашиот небесен Татко.
10Ниту се наречувајте наставници, зашто е Еден вашиот Наставник - Христос.
11А поголемиот меѓу вас нека ви биде слуга.
12Кој се воздига себеси - ќе биде понизен; а кој се понизува себеси - ќе биде возвишен.”
13”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои го затворате Небесното царство пред луѓето; зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние, кои сакаат да влезат.”
14”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците, и заради причина се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!”
15”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ги обиколувате морето и копното, за да придобиете еден прозелит, и кога ќе стане тоа, го правите син на пеколот, двапати полош од себе!”
16”Горко вам, слепи водачи, кои велите: ‘Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во црковното злато, тогаш е обврзан!’
17Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или Храмот, што го осветува златото?
18И: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот, што е врз него, тогаш е обврзан.’
19Слепци! Што е поголемо: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот?
20И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него.
21И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној, Кој живее во него.
22И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној, Кој седи на него.”
23”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава!
24Слепи водачи! Вие го цедите комарецот, а ја проголтувате камилата.”
25”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре сте полни со грабеж и лакомост!
26Слепи фарисеју! Очисти ја најнапред внатрешноста на чашата, за да и биде чиста и надворешноста!”
27”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти приличите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистота!
28Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.”
29”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведните,
30и велите: „ Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.”
31Така сведочите за себе, дека сте синови на оние, кои ги убиле пророците.
32И вие ја дополнивте мерата на вашите татковци!
33Змии, змиски породи! како ќе побегнете од судот на пеколот?
34Затоа, еве, Јас ви праќам: пророци, и мудреци, и книжници. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги бичувате во вашите синагоги и ќе ги гоните од град до град,
35за да дојде врз вас сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот.
36Вистина ви велам, сето тоа ќе дојде врз ова поколение.”
37”Ерусалиме! Ерусалиме, што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените при тебе! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилата, но не сакавте!
38Еве, ви се остава вашиот дом пуст!
39Зашто ви велам: отсега нема да Ме видите додека не речете: „Благословен е Оној, Кој доаѓа во Господово име!”