Parallel

Матеј 22

22
1И Исус почна пак да им зборува и им рече во параболи, велејќи:
2”Небесното Царство приличи на цар, кој му направи свадба на сина си,
3и ги испрати своите слуги да ги повикаат повиканите на свадбата, но тие не сакаа да дојдат.
4Пак испрати други слуги, велејќи: ‘Речете им на повиканите: Еве, го приготвив својот ручек, моите јунци и згоените се заклани, и сè е готово. Дојдете на свадба!’
5А тие не се грижеа и си отидоа: еден на својот имот, а друг по своја трговија;
6а другите ги фатија неговите слуги, ги навредија и ги убија.
7А царот се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби оние убијци и им го изгоре градот.
8Тогаш им рече на своите слуги: ‘Гозбата е готова! - но повиканите не беа достојни.
9Затоа излезете на раскрсниците и колку ќе најдете, поканете ги на свадбата.’
10И слугите излегоа на патиштата и ги доведоа сите, кои ги најдоа: лошите и добрите, и свадбата се наполни со гости.
11А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек, кој не беше облечен во свадбена облека.
12И му рече: ‘Пријателе, како влезе тука без свадбена руба?’ А тој молчеше.
13Тогаш царот им рече на служителите: ‘Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и чкртање со забите!’
14Зашто мнозина се повикани, но малку се избрани!”
15Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат на збор.
16И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: „Учителе, знаеме дека си вистински и дека во вистина ги учиш луѓето на Божјиот пат, и не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето.
17И така, речи ни, што мислиш Ти! Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?”
18А Исус, го разбра нивното лукавство и рече:
19”Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете ми даночна монета!” Тие Му донесоа денариј.
20И им рече: „Чиј е овој лик и натписот?”
21Му рекоа: „На царот!” Тогаш им рече: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!”
22И штом го чуја тоа, се зачудија, па Го оставија, и си отидоа.”
23Во тој ден дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа:
24”Учителе, Мојсеј рече: ‘Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на брата си.’
25А при нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше пород, му ја остави својата жена на брата си.
26Така и вториот, и третиот, сè до седмиот;
27а по сите умре и жената.
28И така, при воскресението: кому од седуммината ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!”
29А Исус им одговори и им рече: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете Писмата, ниту Божјата сила.
30Зашто при воскресението ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како Божјите ангели на небото.
31А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рече Бог, Кој вели:
32”Јас Сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов”? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!”
33И кога народот го чу тоа, се восхитуваше на Неговата наука.
34А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно,
35и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го:
36”Учителе, која е големата заповед во Законот?”
37А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!”
38Тоа е најголемата и прва заповед;
39а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!”
40На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.”
41А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша:
42”Што мислите за Христа? Чиј Син е?” Му рекоа: „Давидов.”
43Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи:
44’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’?
45И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?”
46И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.