Parallel

Матеј 21

21
1И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија при Маслиновата Гора, тогаш Исус испрати два ученика, велејќи:
2”Отидете во селото што е пред вас! Таму ќе најдете веднаш врзана ослица и осле со неа. Одврзете ги и доведете Ми ги!
3И ако некој ви рече нешто, речете му: ‘Потребни Му се на Господа’, и веднаш ќе ги пушти.
4А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели:
5”Кажете и на Сионската Ќерка: Еве, твојот Цар доаѓа при тебе, кроток и јава на ослица и осле - младенче на ослица!”
6Учениците отидоа и направија, како што им заповеда Исус.
7Ги дотераа ослицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки и Тој седна над нив.
8Повеќето од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот.
9А множеството, кое одеше пред Него и по Него викаше, велејќи: „Осана на Давидовиот Син! Благословен е кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!”
10И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: „Кој е Овој?”
11А народот говореше: „Овој е Исус, Пророк од Галилејски Назарет.”
12И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби,
13и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.”
14И Му пристапија слепи и хроми, во Храмот, и ги излекува.
15А кога првосвештениците и книжниците ги видоа чудесата што ги направи, и децата, кои викаа во Храмот: „Осана на Давидовиот Син!”, се налутија
16и Му рекоа: „Слушаш ли што зборуваат овие?” А Исус им рече: „Да, зар не сте читале никогаш: ‘Од устата на децата и доилчињата, Си приготви пофалба?’”
17И ги остави и излезе од градот во Витанија и преноќева таму.
18А кога утредента се враќаше во градот, огладне.
19И виде смоква покрај патот и отиде до неа, но не најде ништо на неа, освен лисјата, и и рече: „Отсега да нема плод од тебе довека!” И смоквата се исуши веднаш.
20И кога учениците го видоа тоа, се зачудија и рекоа: „Како се исуши смоквата веднаш?”
21Исус одговори и рече: „Вистина ви велам, ако имате вера и не се посомневате, ќе направите не само тоа, што и се случи на смоквата, туку ако и речете на оваа гора: ‘Дигни се оттука и фрли се во морето!’ ќе биде;
22и сè што ќе побарате во молитва, со вера, ќе добиете.”
23И кога Исус дојде во Храмот, Му пристапија - додека поучуваше - првосвештениците и народните старешини, велејќи: „Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја даде таа власт?”
24А Исус им рече во одговор: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми Го кажете тоа, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова.
25Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?” А тие размислуваа во себе, велејќи:” Ако речеме ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто не му поверувавте тогаш?’
26А ако речеме: ‘од луѓето’, се боиме од народот, зашто сите го сметаат Јована за пророк.”
27И Му одговорија на Исуса и рекоа: „Не знаеме!” Им рече и Тој: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го правам ова.”
28”Но, како ви се гледа? Еден човек имаше два сина, па дојде при првиот и му рече: ‘Синко, оди и работи денес во лозјето!’
29Тој одговори и рече:
30’Нејќам!’ - но после се предомисли и отиде. Дојде при вториот и му рече исто така. А тој одговори и рече: ‘Одам, господаре’ и не отиде.
31Кој од двајцата ја исполни татковата волја?” Рекоа: „Првиот!” Исус им рече: „Вистина ви велам, цариниците и блудниците ќе ве испреварат во Божјото Царство.
32Зашто, Јован дојде при вас по патот на правдата и не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа. А вие видовте, но не се покајавте после, за да му поверувате.”
33”Чујте друга приказна! Беше еден домаќин, кој насади лозје, го загради со плет, и ископа во него точило; изгради чуварница и им го даде под наем на земјоделците, и си отиде.
34А кога наближи времето на плодовите, ги испрати своите слуги при земјоделците, за да ги приберат неговите плодови.
35И земјоделците ги фатија неговите слуги: едниот го биеја, другиот го убија, а другиот го каменуваа.
36Пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто.
37Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: „Ќе се засрамат од мојот син!”
38Но земјоделците, кога го видоа синот, си рекоа меѓу себе: „Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!”
39И го фатија, го исфрлија надвор од лозјето и го убија.
40Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие земјоделци?”
41Му одговорија: „Овие злосторници тој бедно ќе ги уништи, а лозјето ќе им го даде под наем на други земјоделци, кои ќе му ги даваат плодовите во нивно време.”
42Исус им рече: „Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: „Каменот што го отфрлија ѕидарите; тој стана крајаголен камен; од Господа е тоа и чудесно е во нашите очи.”
43Затоа ви велам, дека ќе ви биде одземено Божјото Царство и ќе му биде дадено на народ, кој ќе ги донесува неговите плодови!
44И кој ќе падне врз тој камен - ќе се разбие; а врз кого ќе падне тој - ќе го здроби.”
45И кога првосвештениците и фарисеите ги чуја тие Негови параболи, разбраа дека зборува за нив.
46И гледаа да Го фатат, но се боеја од народот, зашто Го сметаше за пророк.