Psalms 119:1-48

Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов. Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од сѐ срце Го бараат, оние кои не вршат беззаконие, туку одат по Неговите патишта. Ти заповеда грижливо да се пазат Твоите заповеди. О, да се управат моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди! Тогаш нема да се засрамам, гледајќи ги сите Твои заповеди. Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни судови. Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема. Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои! Со сето срце мое Те барам, не дозволувај да застранам од Твоите заповеди. Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе. Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите повелби. Со устата своја ги разгласив сите уредби од устата Твоја. По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство. Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе ги управувам очите мои на патот Твој. Од повелбите Твои ќе се поучувам, нема да ги заборавам Твоите зборови. Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборови. Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон. Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди. И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите уредби. Ти ги укоруваш горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди. Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги пазев Твоите прописи. Кнезовите седат и ме клеветат, а Твојот слуга размислува за Твоите повелби. Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои – советници. Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој. Патиштата мои Ти ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите повелби. Вразуми ме да го разберам патот на Твоите повелби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса. Душата моја засолзи од тага, зацврсти ме со зборовите Твои. Отстрани го од мене патот на лагата и научи ме на законот Твој. Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови. Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај. Ќе брзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го прошириш моето разбирање. Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај. Поучи ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое. Упати ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав. Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни. Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност. И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасението од Тебе според зборовите Твои, – и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто верувам во зборовите Твои. Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите уредби. И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во векови. Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди. И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам; им се насладувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав; ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби.
Псалми 119:1-48