Proverbs 12:1-28

Кој ја сака поуката, го сака знаењето; а кој го мрази изобличувањето – неразумен е. Добриот добива благодат од Господ, а на подмолниот Тој ќе му суди. Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен. Добродетелна жена е венец за мажот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови. Мислите на праведните се правда, а плановите на безбожниците – подмолност. Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува. Каде и да се свртат нечестивите – исчезнуваат, а домот на праведните останува. Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен. Подобро да си мал, но да работиш за себеси, отколку да се правиш големец, а да немаш леб. Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на безбожникот е жестоко. Кој ја обработува земјата своја, ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, неразумен е. Желбата на грешникот е стапица од зло; но коренот на праведниците дава плод. Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа. Од плодот на устата своја човекот се наситува со добро, и на човек му се дава според делата на неговите раце. Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар. Глупавиот веднаш ќе го покаже гневот свој, а благоразумниот ја смирува лутината своја. Кој го кажува она што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок говори измама. Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите лекува. Праведната уста вечно живее, а лажливиот јазик – само еден миг. Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротворците – радост. Праведниот нема да го достаса никакво зло, а безбожниците ќе бидат преполни со зло. Лажливата уста е одвратност пред Господ, а кој говори вистина, благоугоден Му е Нему. Расудлив човек го прикрива знаењето свое, а срцето на глупавите го разгласува своето безумие. Раката на работливите ќе господари, а мрзливоста води во ропство. Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува. Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечестивите ги води во заблуда. Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство. По патот на правдата има живот, и во нејзината патека нема смрт.
Изреки 12:1-28