Wafilipi 2:1-30

И така, ако во Христос има некаква утеха, ако има некаков поттик од љубовта, ако има некакво заедништво со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание, исполнете ја мојата радост: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите! Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; Сам Себе се понизи, послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст. Па затоа и Бог Го превозвиши и Му даде име што е над секое име, та во името на Исус да се поклони секое колено на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот. Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја. Правете сѐ без мрморење и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот, држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно. Но, иако се излевам како жртва леаница и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас. Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме! А се надевам во Господ Исус дека наскоро кај вас ќе го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам со духот. Всушност, немам ниту еден истомисленик, кој толку искрено би се грижел за вас. Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос; а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето. Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене; а се надевам во Господ дека и сам скоро ќе дојдам кај вас. Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои, бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен. Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга. Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален. Примете го, пак, во Господ со секаква радост, и такви почитувајте, бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, не жалејќи го својот живот за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене.
Филипјаните 2:1-30