Matthew 6:7-21

Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како нив, зашто вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го помолите. Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, (зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!). Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“ „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“ „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.“
Матеј 6:7-21