Isaiah 55:1-9

Вие, што жедувате, дојдете сите при водите; дури и вие, кои немате пари, дојдете, купувајте и јадете; дојдете, купувајте вино и млеко без пари и без плаќање. Зошто да трошите пари за она, што не е леб, и заработката своја – за она, што не наситува? Послушајте Ме внимателно и јадете што е добро, и душата ваша нека се слади со сочни јадења. Приклонете го увото и дојдете при Мене; послушајте, и душата ваша ќе биде жива, – ќе склопам со вас вечен завет, неизменливи милости, ветени на Давид. Ете, Него го дадов сведок за народите, водач и заповедник на народите. Ете, ти ќе повикаш народ, што не си го познавал, и народите, кои не те познавале, ќе побрзаат кон тебе, заради Господа, твојот Бог, заради Светецот Израелов, зашто Тој те прослави. Барајте го Господа, додека можете да Го најдете; викајте Го додека е близу. Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрати кон Господ, нашиот Бог, – и Тој ќе го помилува, зашто е многу милостив. Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли.
Исаија 55:1-9