Isaiah 25:1-12

Господи, Ти си Бог мој; ќе Те возвеличам, ќе го славам името Твое, зашто си извршил премудри дела, определени во старо време, вистинити и сигурни. Ти го претвори градот во грамада од камења, цврстата тврдина – во урнатини; нема повеќе во градот дворци на туѓинци; никогаш нема да биде обновен. Затоа ќе Те прославуваат силните народи; градовите на страшните племиња ќе се плашат од Тебе; зашто Ти беше прибежиште на сиромавиот, прибежиште на немоќниот во тешко време за него, заштита од бура, сенка од припек; зашто гневното дишење на насилниците прилегаше на зимска виулица. Ти го скроти викањето на непријателите, како припек – во безводно место; како припек со сенка од облак; веселбата на угнетувачите е задушена. И Господ Саваот ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина, со богати и сочни јадења и најчисти вина; врз таа планина ќе ја уништи покривката, што ги покрива сите народи, покривка, која лежи врз сите племиња. Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ. И ќе речат во тој ден: „Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нѐ спаси! Тој е Господ; Него Го чекавме; да се радуваме и веселиме за спасението од Него! Зашто раката на Господ ќе почива врз таа планина, и Моав ќе биде прегазен на местото свое, како што се гази слама на буниште.“ И макар што ги размавна среде него рацете свои, како што ги размавнува оној што плива, но Бог ќе ја понизи гордоста негова заедно со мафтањето на рацете негови. И ќе ја собори, ќе ја разруши тврдината со твоите високи ѕидишта, ќе ја кутне на земја, во прав.
Исаија 25:1-12