Exodus 20:12-21

Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да поживееш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог. Не убивај! Не врши прељуба! Не кради! Не сведочи лажно против својот ближен! Не пожелувај го домот на ближниот свој, не пожелувај ја жената на ближниот свој, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни магарето негово, ниту нешто друго, што му припаѓа на ближниот твој!“ И сиот народ ги гледаше молњите и пламенот, и гласот на трубата што трубеше и ја гледаше гората што се димеше; и откако го виде тоа, народот се уплаши и се оддалечи. Па му рекоа на Мојсеј: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.“ А Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.“ И народот стоеше подалеку, а Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог.
Излез 20:12-21