Exodus 14:13-22

А Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес: Египќаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека. Господ ќе се бори за вас, а вие бидете спокојни.“ И Господ му рече на Мојсеј: „Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите на Израел нека врват. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите израелски, среде море по суво. Но, ете, Јас ќе го ожесточам срцето на сите Египќани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови. И Египќаните ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.“ И се крена ангел Господов, кој одеше пред војската израелска, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив. А кога влезе меѓу војската египетска и војската израелска, застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите. И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбранува морето со источен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во морето суво и водата се раздели. И појдоа синовите израелски среде море по суво, а водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.
Излез 14:13-22