2 Corinthians 9:1-9

Во врска со помагањето на светиите сметам дека не треба да ви пишувам, зашто ја познавам вашата спремност, за која се фалам со вас пред Македонците: „Ахаја приготвила помош уште од лани“; и вашата ревност поттикна мнозина. А браќата ги испратив за да не биде напразна нашата пофалба за вас, туку да бидете приготвени, како што тврдев, па, ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неприготвени, да не останеме посрамени ние – да не речам вие, откако ве пофаливме со таква увереност. Затоа сметав дека е потребно да ги замолам браќата да дојдат претходно кај вас и да ја приготват вашата однапред ветена милостина, па да се покаже како плод на благослов, а не на лакомство. Ова, пак, ви го велам: кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее. Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што од срце дава. А Бог може изобилно да ве дарува со секаков дар, секогаш да имате доволно за сѐ, да бидете од сѐ срце дарежливи во секое добро дело. Како што е напишано: „Раздаде, им даде на сиромашните; правдата Негова останува вечна.“
2 Коринтјаните 9:1-9